Ayşe Şensoy Boztepe
24 Март 2018•Ажурирај: 25 Март 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на претседателството на Турција, Ибрахим Калин, во весникот „Дејли Сабах“ објави статија за операцијата „Маслинова гранка“.
Во својот текст, портпаролот Калин потсети дека со започнувањето на операцијата на 20 јануари, се преминало во критична фаза за ослободување на Африн. „Расчистувањето на регионот од елементи на ПКК/ПЈД е голем успех во борбата со тероризмот и претставува значаен чекор во заштитата на територијалниот интегритет на Сирија. Но на некои им пречи победата на Турција и поразот на ПКК. На овој начин, јасно можеше да се забележи дека постојат проблеми во начинот на размислување во некои западни кругови“, наведува Калин во статијата.
Посочувајќи на јасниот став на Турција во врска со прашањето за сепаратистичката терористичка организација, Калин во својот текст истакнува дека овие групи се терористички групи, исто како што тоа е ДЕАШ. Истакнувајќи дека Турција се бори на повеќе фронтови против оваа марксистичко-ленинистичка терористичка организација, која тврди дека ги претставува Курдите, Калин во текстот посочи дека како што Турција во борбата против ДЕАШ не е против Муслиманите и Арапите, така, на ист начин и во борбата против ПКК не е против Курдите.
Калин во текстот констатира дека администрацијата на Обама направила голема грешка со давањето поддршка на крилото на ПКК во Сирија.
„Можат колку што сакаат да се занимаваат со одредени стратешки маневри, но таа работа не можат да ја сменат. Давањето поддршка на терористичката организација ПКК, под оправдување за борба против ДЕАШ, пред сè е неправда кон Курдите. Оваа одлука доведе до спротивставување на две членки на НАТО, САД и Турција во врска со прашањето за една многу важна регионална тема“, наведува Калин во својот текст, и заклучува:
„Операцијата во Африн е победа на мирот, а пораз на тероризмот. Со оваа операција, зададен им е сериозен удар на терористичките закани во северниот дел на Сирија.“