Cüneyt Ateş
13 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Заменик генералниот секретар и портпарол на Претседателството на Република Турција, Ибрахим Калин, денес во Анкара изјави дека неговата земја нема територијални претензии кон Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција нема територијални претензии кон Ирак, ниту има било какви тајни намери кон оваа земја. Оние што имаат мислење спротивно на ова, или се злонамерни или прават голема грешка”, изјави Калин на прес-конференцијата.
Тој се осврна и на акцијата за ослободување на Мосул и изјави дека во таа смисла последицата на секоја направена грешка би се почувствувала во целиот регион, а не само во Ирак.
„Поради тоа, многу е важно чекорите да се прават многу внимателно. Исто така, внимателноста е неопходна и кога станува збор за планирањето на акциите”, порача Калин.
Тој се осврна и на борбата против терористичката организација ФЕТО и нагласи дека таа претставува закана не само за Турција туку и за сите земји каде што се наоѓа оваа терористичка организација.
„Се надевам дека и тие земји во што поскоро време ќе сфатат и ќе ги видат наизглед легалните, но всушност нелегални структури на ФЕТО и ќе ги преземат сите неопходни чекори”, истакна Калин.
Во врска со именувањето на амбасадорот на Турција и Израел, Калин изјави дека сè уште не може да зборува во негово име, но може да каже дека процесот е комплетиран.
„Министерството за надворешни работи официјално ќе се огласи кога ќе дојде време. Претпоставувам дека во рок од седум до 10 дена ќе биде завршен процесот на двострано именување на амбасадорот”, истакна портпаролот на Претседателството на Турција.