Gökhan Ergöçün
29 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Површините за одгледување канабис во Турција се зголемија за петпати во однос на претходната година, од 200 декари во 2018 година, на 1.000 декари оваа година, покажуваат податоците објавени од турското Министерство за земјоделство и шумарство, пренсува Anadolu Agency (AA).
Зголемување на површините за одгледување канабис е регистрирано откако претседателот Реџеп Таип Ердоган минатата година го одобри контролираното сеење на канабис во подрачјето на 19 турски градови, со цел да се користи во медицински и индустриски цели.
Производите од канабис се користат во индустријата за автоматизација, градежништвото, текстилната индустрија, козметиката, во биодизелот, прехранбената, индустријата за лекови, енергетиката и индустријата за пластика; покрај тоа, голема улога има и во производството на хартија.
Од 1989 година Турција успеа повеќекратно да го намали одгледувањето канабис. Во 1989 година, површините засадени со канабис изнесуваа 42.000 декари, кои драстично се намалија на 5.360 декари за една деценија, до 1999 година.
Според податоците кои ги собра Anadolu Agency од различни извори, површините под канабис во 2009 година значително се намалија на 66 декари.
Идејата зад ограничувањето на сеењето канабис од 1990 година, беше со цел да се избегне и контролира производството на марихуана. Но со текот на годините, нејзината индустриска употреба, а со тоа и побарувачката, повеќекратно се зголеми.
„Турција сега има за цел да произведува канабис со стари автохтони семиња, бидејќи многу текстилни и компании за автоматизација го бараат тоа за нивните производствени процеси“, вели Ајше Ајшин Ишикчеџе, генерална директорка на турскиот Директорат за земјоделски претпријатија.
Раководителот на Институтот за канабис при Центарот за евроазиски стратешки студии, Ердем Улаш, нагласи дека Турција, од контролираното производство на канабис има потенцијал да оствари приходи од 100 милијарди долари до 2030 година.
Тој додаде дека неколку земји, меѓу кои и Франција, Холандија, Канада и САД, исто така го произведуваат индустрискиот канабис. Тие, од производството на канабис очекуваат да остварат приход од 71 милијарда долари до 2025 година.