Ekipa
29 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, заедно со државниот врв по повод 96. годишнина од прогласувањето на Турската Република, го посети Мавзолејот „Аниткабир“, јавува Anadolu Agency (AA).
Посетата на „Аниткабир“ од страна на државниот врв ја предводеше претседателот на Турција, Ердоган, а во првите редови на делегацијата беа претседателот на Големото народно собрание на Турција, Мустафа Шентоп, потпретседателот на Турција, Фуат Октај, претседателот на Републиканската народна партија (CHP), Кемал Киличдароглу, претседателката на Партијата ИЈИ, Мерал Акшенер, министри од Владата, претставници на други политички партии и бројни високи функционери на Турција.
Претседателот Ердоган и неговата придружба, поминувајќи низ патеката Асланли, пристигнаа во Мавзолејот на Ататурк. Ердоган, венецот со ѕвезда и месечина (симболот на турското знаме) го положи во Мавзолејот на Ататурк, а по едноминутниот молк се рецитираше националната химна.
Потоа Ердоган со делегацијата преминаа во Националната кула „Мисак-и Мили“, по што турскиот претседател, во пораката што ја напиша во спомен-книгата во „Аниткабир“, нагласи:
„Голем Ататурк, денеска со голема возбуда ја прославуваме 96. годишнина од нашата Република. На овој горд ден ја нудиме нашата благодарност до Вас, до сите херои од Војната на независност, и до сите оние што ја дадоа својата крв за нашата татковина. Во период на зголемени напади врз нашата независност и национален опстанок, со решеност ја продолжуваме нашата борба во земјата и надвор од нашите граници, со духот на отпорот на нашата Војна за независност. Со операцијата „Извор на мирот“, која ја започнавме на 9 октомври, постигнавме многу сериозен успех за краток временски период и со растурањето на терористичкиот коридор вдолж сириската граница повторно ја демонстриравме нашата решеност пред светот. Почивај во мир.“
На крајот на церемонијата на која што присуствуваа офицери и подофицери, како и ученици, Мавзолејот беше отворен за посета на граѓаните.