Halil Demir
29 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Полицијата во Истанбул уапси тројца осомничени припадници на терористичката организација ДЕАШ, кои подготвувале напад за време на денешните манифестации за одбележување на националниот турски празник Денот на Републиката, јавува Anadolu Agency (AA).
Одделот за борба против тероризам и Одделот за разузнавање при турските безбедносни сили открија дека лицата подготвувале терористичка активност во Истанбул и дека во тој контекст стапиле во контакт со уште некои лица кои им биле логистичка поддршка.
Осомничените биле под тајно следење, а минатата недела од Санџактепе презеле украден автомобил, му ги замениле регистарските таблички и го донеле на паркинг во непосредна близина на Канцеларијата на гувернерот во истанбулската Општина Фатих.
Сите нивни активности се потврдени од разузнавачките сознанија на полицијата, како и нивниот план за извршување терористички активности за време на собирите кои денес се одржуваат по повод Денот на Републиката.
Полицијата изврши претрес на пет објекти во Истанбул и заплени поголема количина оружје, муниција и печатен и дигитален материјал за терористичката организација ДЕАШ.
Осомничената тројка е уапсена, а еден од уапсените претходно е осуден на затворска казна поради членство во ДЕАШ, додека неговиот брат загинал на боиште во Сирија.
Турските безбедносни сили со успешната акција спречија терористички напад, кој терористите планираа да го извршат во сенка на неделното убиство на лидерот на ДЕАШ, Ебу Бекр ал Багдади.
Ал Багдади е неутрализиран во операција што американските сили во ноќта саботата кон неделата ја извршија на периферијата на сириски Идлиб.
Турција ја стави ДЕАШ на листата на терористички организации во 2013 година.
Оттогаш, ДЕАШ во Турција изведе повеќе напади, вклучувајќи 10 самоубиствени, седум бомбашки и четири вооружени напади.
Во овие напади загинаа 315 лица, меѓу кои 11 полициски службеници и двајца војници, а беа повредени 137 цивили, 62 полициски службеници и 7 војници.
Како одговор на овие напади, Турција започна антитерористички операции на својата територија и пошироко.
Во двете прекугранични воени операции во Сирија од 2016 година, „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, Турција неутрализираше 3.500 терористи на ДЕАШ, а уапси 5.500.