Ahmet Sertan Usul
20 Март 2022•Ажурирај: 22 Март 2022
АНКАРА (АА) - Аеробатскиот тим на турските воздухопловни сили „Турк Јилдизлари“ (Турски ѕвезди) изведе перформанс над мостот „Чанаккале 1915“ на Дарданелите, за време на неговото свечено отворање во петокот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана на Турција објави видеозапис од перформансот во кој учествуваа шест авиони на аеробатскиот тим, а на него се гледа како авионите полетуваат од пистата, а потоа и моментот кога поминуваат преку мостот.
Видеото содржи и снимки од пилотските кабини, а во позадина се слуша мелодијата на познатата турска песна посветена на Чанаккале.
Мостот „Чанаккале 1915“ е уште еден во низата турски мегапроекти, кој е најдолгиот мост со среден распон во светот, прв на Дарданелите и вкупно четврти мост над турските мореузи што ги поврзува Европа и Азија. Отворен е на Денот на сеќавањето на загинатите херои и на 107-годишнината од поморската победа во Чанаккале.
Поради својот импозантен изглед наречен е и „Ѓердан на Дарданелите“. Должината на висечкиот мост достигнува 4.608 метри. Благодарение на овој мост времето на патување меѓу двата континента ќе се намали на шест минути.
За главниот кабел на мостот искористени се вкупно 162.000 километри жица, што би било доволно четирипати да се обвитка Земјата. Исто така, во изградбата на мостот потрошени се 227.000 кубни метри бетон, со што на пример може да се изгради населба за 25.000 жители, со вкупно 5.900 станови од по 100 квадрати.
Мостот е проектиран така што оддалеченоста помеѓу неговите столбови е 2.023 метри, што ја симболизира годината кога Турција ја одбележува јубилејната стогодишнина од основањето на Републиката. Исто така, неговите челични кули од 318 метри го симболизираат 18 март 1915 година, кога е извојувана поморската победа во Чанаккале.