Diyar Güldoğan
11 Август 2022•Ажурирај: 12 Август 2022
АНКАРА (АА) - Словенечкиот претседател Борут Пахор во Анкара ја пофали посредничката улога на Туркије меѓу Русија и Украина во намалувањето на тензиите во регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Доколку оваа војна трае подолго од очекуваното, тензиите би можеле да се пренесат на југ, на Западен Балкан“, рече Пахор на заедничката прес-конференција со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.
Зборувајќи за добрите односи меѓу Словенија и Туркије, Пахор истакна дека огромното мнозинство Словенци позитивно ја оценуваат соработката со Туркије.
Претходно Пахор беше примен со највисоки државни почести од претседателот на Туркије. На платото пред Претседателската палата во Анкара беше одржан свечен прием, а потоа следуваше средба на која двајцата лидери разговараа за билатералните односи, процесот за членство на Туркије во ЕУ, регионалните и меѓународните прашања.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го поздрави стратешкото партнерство меѓу Туркије и Словенија воспоставено во 2011 година.
„Верувам дека нашата солидарност, која се разви врз основа на пријателство, сојуз и стратешко партнерство, ќе стане посилна на сите полиња, вклучително и на процесот на приклучување на Туркије во Европската Унија“, рече Ердоган на прес-конференцијата.
Ердоган по состанокот изјави дека „пријателските односи и соработката меѓу Туркије и Словенија даваат голем придонес за регионалниот мир и стабилност“.

Тој потсети дека по неуспешниот државен удар во 2016 година во Туркије, претседателот на Словенија бил првиот шеф на земја членка на ЕУ што ја посетил Анкара во знак на солидарност.
Тој додаде дека Анкара и Љубљана имаат потенцијал да ја зголемат соработката на полето на економијата и трговијата.
„Како сојузници во НАТО, Туркије и Словенија мора да преземат заеднички чекори, особено на полето на одбраната“, рече Ердоган.
Ердоган рече дека обемот на билатералната трговија меѓу Турција и Словенија достигнал 2,3 милијарди долари во 2021 година.
„Наша цел е да ја зголемиме оваа бројка, која сè уште не го одразува целосно нашиот реален потенцијал“, рече Ердоган.
Пред прес-конференцијата, лидерите на Туркије и Словенија присуствуваа на потпишувањето на билатералните договори од областа на науката и технологијата.