Mustafa Dermencioğlu
24 Декември 2018•Ажурирај: 26 Декември 2018
ДЕНИЗЛИ (АА) - Памуккале, или „белиот рај“, недалеку од градот Денизли во Турција, во текот на целата година привлекува голем број туристи од земјата и од странство, а така беше и овој викенд.
Памуккале се наоѓа на листата на светско културно наследство на УНЕСКО, а природните убавини на ова подрачје продолжуваат да привлекуваат голем број туристи.
Токму термалната вода која на Памуккале му дава посебен изглед и пареата во текот на постуденото време, нудат глетки кои може да се видат само на разгледници.
Посетителите уживаат во шетањето во топлата вода, а ја користат и можноста за фотографирање.
Фанг Хонг од Кина вели дека Памуккале е прекрасно и дека со семејството ужива во топлата вода во декември.
Мехмет Ајдин во Памуккале е за првпат и на сите им ја препорачува оваа дестинација.
И другите посетители со кои зборуваше новинарот на АА се исклучително задоволни од природните благодети на Памуккале и сметаат дека тоа е едно од ретките места од ваков вид во светот.
Директорот на Здружението на хотелиери во Денизли, Гази Мурат Шен, рече дека Памуккале оваа година го посетиле над два милиони луѓе.
Тие имаат намера да постават осветлување во различни бои и да овозможат посета на Памуккале и во текот на ноќта, што би можело да придонесе за поголем број туристи во текот на целата година.