Çiğdem Münibe Alyanak
10 Јуни 2020•Ажурирај: 13 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Од Истанбул кон Нови Пазар тргна камион со медицинска опрема која ја испрати Турција како помош за болницата што е изградена во Нови Пазар во рамките на борбата против пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (AA).
Станува збор за контингент помош која по налог на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше организирана од турското Министерство за здравство и ДЕИК - Советот за деловна соработка меѓу Турција и Србија.
Челникот на Советот за деловна соработка меѓу Турција и Србија, Бајрам Акѓул, и раководителот на компанијата „Саглик Лоџистик“, Захит Саглик, испратија камион со помош за Санџак.
Акѓул за АА изјави дека Турција и Србија негуваат исклучително добри односи кои се карактеризираат со големо меѓусебно почитување меѓу претседателите на двете држави, и со тоа што одговараат на секое барање за помош.
Истакнувајќи дека претседателите Ердоган и Вучиќ во изминатите две години имаа седум или осум средби, Акѓул рече дека Советот за деловна соработка е задоволен од таквата ситуација затоа што тоа води кон развој на економските односи.
„Имаме трговска размена поголема од 1,3 милијарди долари. Нашата краткорочна цел е да ја зголемиме на две милијарди, а среднорочната цел е пет милијарди. За добрите трговски односи потребни се и добри политички односи. Србија е една од земјите со кои Турција има добри политички односи. Сакаме на тие добри односи да бидеме сведоци со растот на економската и трговската соработка“, рече Акѓул.
Тој истакна дека помошта од Истанбул е испратена во Санџак, каде што живее мнозинско бошњачко население, и додаде дека таа регија има клучна улога за добрите турско-српски односи.
„Луѓето во Санџак многу ја сакаат Турција и многу нивни роднини живеат во Турција. Нови Пазар со голема љубов го пречека нашиот претседател Ердоган во 2017 година. Добивме информации дека на пандемиската болница во тој град ѝ требаат некои работи и оваа помош оди таму“, рече Акѓул.
Помошта, која веќе е на пат од Истанбул кон Нови Пазар, вклучува десет монитори за пациенти, десет пулсни оксиметри, десет УВ-стерилизаторски лампи, 50 регулатори на кислород, еден видеоларингоскоп, три ларингоскопи, три хируршки аспиратори, 400 комплети болнички постелнини, 30 кревети за пациентите на интензивна нега, 20.000 заштитни маски, 2.000 заштитни комбинезони, 1.500 визири произведени во младинските центри на турското Министерство за спорт и млади, 30.000 маски, 100 кутии со рачен сапун, 110 кутии со дезинфициенс за раце и друго.
Примопредавањето на помошта во привремената болница за Ковид-19 во Нови Пазар е планирано за во петок.