Betül Yürük
22 Септември 2017•Ажурирај: 23 Септември 2017
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во врска со сириската криза истакна дека никој не сака да го сподели товарот, во својот осврт кон напорите на Турција, Либан и на Јордан за бегалската криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации, министерот Чавушоглу одржа говор на состанокот на високо ниво, каде што беше дискутирано околу сириската криза.
Чавушоглу истакна дека без да се најде решение за кризата во Сирија, не ќе може да се обезбеди стабилност и доверба, и оти треба да се зајакне и примирјето во земјата.
Тој пренесе дека покрај борбата против терористичката организација ДЕАШ, во Сирија треба да се обрне внимание и на борбата против една друга терористичка организација, ЈПГ, и додаде дека ЈПГ ги принудува Арапите-сунити и Курдите да ги напуштат местата каде што живеат.
Исто така, турскиот министер истакна дека Турција засолнила 300.000 Курди од Сирија, а 90 отсто од нив биле принудени да се иселат од нивните огништа од страна на ЈПГ.
Осврнувајќи се на повторното градење на Сирија, Чавушоглу нагласи дека Европската Унија (ЕУ) е заинтересирана и има капацитет за ова прашање, но оти не се исполнети дадените ветувања.
- „Треба да бидеме попрактични за обезбедување на стабилноста во Сирија“
Потсетувајќи дека ЕУ вети помош за земјите соседи на Сирија, министерот Чавушоглу упати критики до Унијата, која не ги исполни дадените ветувања.
Тој пренесе дека Турција потрошила 30 милијарди долари за сириските бегалци, но, како што рече, меѓународната заедница во врска со ова прашање дала помош од само 520 милиони долари за Турција, што според него, „не е ништо“.
„Никој не сака да го сподели товарот. Браво Турција, браво Либан, браво Јордан. Вршите многу добра работа. Ви се воодушевуваме. Но до кога вака? Каде е споделувањето на товарот? ЕУ вети помош од 3 милијарди долари за бегалците кои живеат во Турција, бидејќи знаат дека трошоците на еден бегалец во Турција или Сирија се 10 пати пониски во однос на ЕУ, но досега испративте само 820 милиони евра. Тоа што сакам да го кажам е дека ова е една вонредна состојба, и не можеме да ги следиме обичните процедури. Треба да бидеме попрактични за да се безбеди стабилност во Сирија“, рече турскиот министер за надворешни работи.
Исто така, шефот на турската дипломатија додаде дека по операцијата „Штитот на Еуфрат“, повеќе од 100.000 Сиријци се вратиле во градовите како Ал-Баб и Дабик.
Чавушоглу нагласи дека лицата кои беа принудени да ја напуштат Сирија сакаат да се вратат во својата земја. „Како на овие лица ќе им овозможиме без заштита да се вратат во својата земја, без да се обезбеди поволна средина? Како Турција, ние ќе продолжиме да ја поддржуваме ЕУ и сме подготвени за подобра соработка“, вели Чавушоглу.