Coşkun Ergül
22 Септември 2017•Ажурирај: 23 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Владата на Република Турција ја достави до раководството на турскиот Парламент, односно до Големото народно собрание на Република Турција, одлуката за продолжување на овластувањата на владата и во наредните 12 месеци да може да извршува воени операции во соседна Сирија и во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Во владината одлука се наведува дека Турција придава голема важност на зачувувањето на целовитоста и стабилноста на Ирак, и се наведува дека присуството на терористите на ПКК и ДЕАШ, како и етничкиот сепаратизам во таа земја преставуваат директна закана на регионалниот мир и безбедноста на Турција.
„Во тој контекст, од клучна важност за Турција е во согласност со меѓународното право да ги преземе потребните и соодветни мерки против тероризмот и сите случувања што во Сирија и во Ирак претставуваат ризик за целовитоста на тие држави и кои воедно се и закана за националната безбедност на Турција“, се наведува во владината одлука.
Во одлуката што ја потпиша турскиот премиер Бинали Јилдирим исто така се наведува дека Турција продолжува со другите земји што се вклучени во процесот, да работи на мировните преговори што се водат во Астана и кои се веќе во поодмината фаза во правец на воспоставување на мирот во Сирија.
Со цел борба против терористичките елементи и другите закани, турската Влада на 2. октомври 2014 година, од турскиот Парламент доби ингеренции во согласност со процените и во согласност со меѓународното право, за обврските да ги ангажира турските безбедносни сили во кризните подрачја на Сирија и Ирак кои граничат со Турција.
Дополнително ингеренциите беа продолжени, а владата сега бара тие да се пролонгираат до крајот на октомври наредната година.