Hasan Esen
04 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, по средбата со британската премиерка Тереза Меј во Брисел, изјави дека Европската Унија (ЕУ) и Велика Британија не успеале да постигнат договор во врска со Брегзит, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не успеавме да постигнеме целосен договор. И покрај напорите што ги преземавме не успеавме целосно да постигнеме договор“, порача Јункер пред новинарите веднаш по состанокот, кој траеше речиси три часа.
Тој истакна дека преостанале две до три теми за кои во наредниот период треба да постигнат договор со Велика Британија.
Додаде дека би било можно да се постигне доволен напредок во однос на Брегзит пред самитот на лидерите на ЕУ што би требало да се одржи следната недела.
Британската премиерка истакна дека двете страни имале искрени намери, додавајќи дека преговорите, сепак, биле доста тешки.
„Постигнат е значаен напредок. Сепак, и понатаму имаме различни ставови за одредени прашања. Но, исто така, во однос на многу прашања постои и заеднички став“, рече Меј, и најави нов состанок на крајот на неделата.
„Убедена сум дека таа средба ќе заврши позитивно“, рече Меј.
За потсетување, Лондон планира официјално да ја напушти Европската Унија напролет 2019 година.