АНКАРА (АА) – Република Туркије стана светски центар на дипломатијата за 2022 година со организирање на трилатерален состанок на министрите за надворешни работи на Туркије, Русија и Украина, како и на разговорите за Црноморската иницијатива за жито, разговори за размена на затвореници меѓу Русија и Украина, Дипломатскиот форум во Анталија (АДФ) и Конференцијата за посредување во Истанбул, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според извештаите на АА, заменик-државната секретарка на САД, Венди Шерман, на 5 март престојуваше во дводневна посета на Истанбул и Анкара, каде што со својот турски колега Седат Онал и други турски претставници разговараше за билатералните врски, регионалниот развој и војната на Русија против Украина.
Израелскиот претседател Исак Херцог од 9 март беше во дводневна посета на Анкара и се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Посетата се смета за чекор кон подобрување на односите меѓу двете земји.
Во обид да се стави крај на војната во Украина и да се постигне траен мир, Туркије свика трилатерален состанок на министрите за надворешни работи на 10 март, каде што за прв пат се сретнаа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. Тој важен состанок се одржа на маргините на годишниот Форум за дипломатија во Анталија.
За време на средбата, на која присуствуваа речиси 400 домашни и странски новинари, Туркије ја истакна потребата од отворање на хуманитарните коридори.
Истиот ден се одржа и осмата конференција за посредување во Истанбул на која учествуваа високи претставници на меѓународните организации, меѓу кои и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш.
На 10 март се одржа уште една значајна средба меѓу турскиот претседател Ердоган и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев. За време на средбата во Анкара, двајцата лидери разговараа за најновата ситуација во руско-украинската војна, билатералните односи и придонесот на соработката меѓу Туркије и Азербејџан за европската енергетска безбедност.
Дипломатскиот форум во Анталија (АДФ) се одржа од 11 до 13 март на тема „Прекодирање на дипломатијата“.
На форумот, меѓу учесниците од вкупно 75 земји имаше најмалку 17 шефови на држави и влади, 80 министри и 39 високи претставници на меѓународни организации.
По воведните зборови, турскиот претседател Ердоган одржа 11 билатерални средби, а турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во тој период во Анталија оствари 67 билатерални средби.
Ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан исто така присуствуваше на АДФ и се состана со министерот Чавушоглу. Двајцата министри ги истакнаа своите ставови за продолжување на преговорите за нормализација, со цел целосно нормализирање на односите и воспоставување добрососедски односи меѓу Туркије и Ерменија.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на 13 март во Истанбул се сретна со претседателот Ердоган, при што беше нагласено зајакнувањето на соработката и фокусирање кон позитивната агенда.
Турскиот претседател Ердоган на 25 ноември се сретна со генералниот секретар на ОН Гутереш, а средбата се одржа непосредно пред посетата на Гутереш на Москва.
Турско-африканскиот медиумски самит се одржа на 25 мај во организација на Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Туркије. На настанот присуствуваа најмалку 80 претставници на медиуми, дипломати, интелектуалци, претставници на приватниот сектор и невладини организации од Туркије и 45 африкански земји.
Туркије, ОН, Русија и Украина на 22 јули потпишаа глобално важен договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црното Море, кои беа прекинати поради војната. Неколку дена пред предвидениот рок, договорот за извоз на жито беше продолжен за дополнителни 120 дена, почнувајќи од 19 ноември.
Многу земји и меѓународни организации го поздравија овој дипломатски успех на Туркије и ОН, благодарение на кој со 556 бродови се превезоа повеќе од 14 милиони тони жито преку Црноморскиот коридор.
Покрај тоа, Туркије посредуваше за важна размена на воени заробеници меѓу Украина и Русија. Ваквата размена беше спроведена на иницијатива на претседателот Ердоган во септември.
Од 6 до 12 август се одржа 13. Конференција на амбасадори на тема „Мудра и сочувствителна турска дипломатија во 2023 година и понатаму“, на која турските амбасадори разменија мислења за регионални и глобални прашања тесно поврзани со турската надворешна политика.
Меѓу присутните имаше и странски гости, меѓу кои и шефицата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Хелга Шмид, министерот за надворешни работи на Азербејџан Џејхун Бајрамов и министерот за надворешни работи на Гватемала Марио Адолфо Букар Флорес.
Во Истанбул на 17 октомври се одржа вонреден состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Организацијата на турските држави, на кој покрај приоритетните прашања на агендата, се разговараше и за подготовките за идниот самит на оваа организација.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг од 3 до 5 ноември беше во посета на Туркије, а беше примен и од турскиот претседател Ердоган. Тој, исто така, се состана со министерот за надворешни работи Чавушоглу и министерот за одбрана Хулуси Акар и притоа се заблагодари за напорите на Туркије да го направи повторно оперативен коридорот за транспорт на жито преку Црното море.
Светскиот форум ТРТ 2022 година, дводневен годишен настан, се одржа во Истанбул од 9 до 10 декември. Собирот, кој годинава се одржа на тема „Мапирање на иднината: неизвесности, реалности и можности“, собра интелектуалци, новинари, политичари и членови на граѓанското општество од целиот свет.
Речиси 100 говорници и повеќе од 1.000 учесници од речиси 40 земји присуствуваа на форумот, на кој украинскиот претседател Владимир Зеленски учествуваше виртуелно преку видео врска во живо. Зеленски изрази благодарност до Туркије и нејзиниот претседател Ердоган за помошта во размената на затвореници меѓу Украина и Русија.
news_share_descriptionsubscription_contact
