АНКАРА (АА) - Портпаролот на Претседателството на Турција, Ибрахим Калин, истакна дека Франција и сите оние кои го поддржуваат водачот на нелегитимните сили од источна Либија, Калифа Хафтар, се на погрешна страна на конфликтот во Либија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Калин за телевизија „Франс 24“ („France 24“) ги оцени најновите случувања во Либија и сириското прашање.
Истакнувајќи дека ситуацијата во Либија продолжува да биде многу критична и кревка, Калин рече: „Хафтар не е легитимен претставник на народот во Либија. Со поддршката на неколку држави од регионот на Заливот и Русија, насилството во Либија ескалираше и донесе повеќе болка.“
Калин наведе дека „военото решение“ за Либија не е решение и подвлече дека Владата на либискиот премиер, Фаиз ес-Сараџ, уште од самиот почеток е многу одговорна и конструктивна и дека го спроведува прекинот на огнот и работи со меѓународната заедница.
„Сега е време поддржувачите на Хафтар да сфатат дека Хафтар не е сигурен партнер во Либија“, рече Калин, додавајќи дека Владата на Сараџ ја брани позицијата во Триполи и дека одговара на агресивните однесувања на Хафтар.
Портпаролот Калин, посочувајќи дека во Либија платениците од Судан, Чад и Сирија, како и од руската компанија „Вагнер груп“ (руски платеници), се борат на страната на Хафтар, рече: „Сега, поддржувачите на Хафтар сфатија дека тоа не е решение и дека така не оди. Владата на Сараџ многу пати досега изјави дека не сакаат воено, туку политичко решение. Но, јасно е дека тие имаат право да се бранат.“
- „Мора да има политичко решение што ќе се однесува на цела Либија“ -
Ибрахим Калин, во врска со политичкото решение за Либија, нагласи: „Мора да има политичко решение што ќе важи за цела Либија, не само за еден или за одредени делови од територијата на Либија.“
Истакнувајќи дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) обезбедуваат голема воена финансиска поддршка на Хафтар и дека тоа не е тајна, Калин нагласи: „Тие оваа војна најверојатно ја финансираат употребувајќи ги парите од нафтата, која доаѓа од либиските нафтени полиња заземени од Хафтар.“
Портпаролот Калин, исто така, додаде:
„Веруваме дека Франција и сите други поддржувачи на Хафтар се на погрешна страна на конфликтот во Либија. Во Сирија, нема несогласувања само со Франција, туку и со САД, затоа што и двете страни ја поддржуваат ПЈД/ЈПГ, која е сириски огранок на терористичката организација ПКК. ПКК во Франција и во Европската Унија (ЕУ) е признаена како терористичка организација. Пред неколку години, како изговор во борбата против терористичката организација ДЕАШ, ја поддржуваа ПЈД/ЈПГ. Но, моќта на ДЕАШ, како што објавија САД, во голема мера е уништена. Но, неколку западни сојузници сè уште продолжуваат да ја поддржуваат ПЈД/ЈПГ. Мораме да разбереме дека главната агенда на ПЈД/ЈПГ е создавање на свои курдски области во Сирија. Тоа е спротивно на идејата за територијален интегритет и политичко единство.“
Калин нагласи дека сметаат дека во Сирија, сите сегменти, Арапи, Курди, Туркмени, алевии и христијани треба да се наоѓаат на преговарачката маса против режимот на Башар ал Асад. „Не можете да изберете одредена етничка или идеолошка група и нејзе да ѝ дадете одредени привилегии.“
- „Ние сме посветени на нашиот договор за С-400“ -
Во својата изјава, осврнувајќи се на односите меѓу Турција и САД, Калин рече дека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и американскиот претседател, Доналд Трамп, имаат добри односи.
Калин истакна дека како што има прашања за кои има консензус меѓу Турција и САД, така одвреме-навреме има и несогласувања.
Тој потсети дека меѓу Турција и САД има несогласувања околу системите за противвоздушна одбрана „С-400“, кои Турција неодамна ги купи од Русија.
Калин, одговарајќи на прашањето за активирање на „С-400“, рече: „Во однос на „С-400“, плановите всушност се одвиваат како што е договорено претходно. Имаше одложувања поради новиот вид коронавирус (Ковид-19), но во принцип, како и досега, ние сме посветени на нашиот договор за С-400.“
news_share_descriptionsubscription_contact
