Serdar Açıl,Tanju Özkaya,Cankut Taşdan
27 Јануари 2021•Ажурирај: 28 Јануари 2021
АНКАРА
Во рамките на истрагата против терористичката организација ФЕТО во Турција, утрово се издадени налози за лишување од слобода на четворица осомничени, од кои тројца се пензионирани бригадни генерали, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за истрага која ја води Државното обвинителство во Анкара врз база на извештај на Националната разузнавачка служба (МИТ).
Осомничените се товарат за членство во терористичката организација ФЕТО и за одржување контакти со други терористи преку телефонски линии во кафетерии, маркети и други деловни простории во градовите каде што биле на воена служба.
Постапувајќи по налог на Обвинителството, припадниците на полицискиот Оддел за борба против тероризмот започнаа акција во која досега се приведени тројца од вкупно четворица осомничени.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.