Behlül Çetinkaya
08 Мај 2021•Ажурирај: 10 Мај 2021
АНКАРА
Министерството за надворешни работи на Турција силно го осуди нападот на израелските безбедносни сили врз Палестинците кои вршеле верски обреди во џамијата Ал-Акса, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Силно ги осудуваме нападите на израелските безбедносни сили врз Палестинците кои извршуваа верски обреди во џамијата Ал-Акса, при што се повредени голем број палестински цивили“, се вели во соопштението на ова министерство.
Во соопштението се истакнува дека во текот на месецот на постот Рамазан, Израел ја имал како цел слободата за обожавање на палестинскиот народ и статусот на Харем-и Шериф.
„Израелската Влада, која ги предизвика овие случувања, ја повикуваме веднаш да стави крај на овој провокативен и агресивен став, и ја повикуваме на здрав разум“, се наведува во соопштението.
Според ова соопштение, шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, за време на средбата одржана на 7 мај во Анкара со шефот на палестинската дипломатија, Ријад ел Малики, разговарал за чекорите што може да се направат на меѓународната сцена во оваа насока.
Во соопштението на турското МНР се нагласува дека Турција ќе продолжи да ја поддржува праведната кауза на палестинскиот народ.