Gökhan Ergöçün
04 Мај 2019•Ажурирај: 06 Мај 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција работи на зголемување на бројот на патници кои го користат авионскиот сообраќај до 450 милиони на годишно ниво, истакна турскиот министер за транспорт и инфраструктура, Џахит Турхан, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во текот на изминатите 15 години, Турција регистрираше огромен пораст на бројот на патници во авионскиот сообраќај од 15 до 210 милиони“, изјави Турхан на настан поврзан со воздухопловниот сектор во Истанбул, турското средиште на туризмот и воздухопловен центар.
Тој нагласи дека во 2018 година, 4,3 милијарди патници ги користеле воздушните патишта низ светот, додека 35 отсто од светската трговија и 90 отсто од светската електронска трговија биле реализирани преку воздухопловните патишта.

„Воздухопловниот сектор стана клучен фактор за глобалниот развој“, рече тој.
Додаде дека Турција, особено Истанбул, стана еден од најголемите светски транзитни центри.
Турхан, исто така, нагласи дека аеродромот „Истанбул“ ќе даде голем придонес во тоа Истанбул да стане глобален финансиски центар.
Првата фаза од големиот аеродром „Истанбул“, со годишен капацитет од 90 милиони патници, беше отворен минатиот октомври.
Со целосниот годишен капацитет од 200 милиони патници - по завршувањето на сите четири фази до 2028 година, со шест писти, аеродромот во Истанбул ќе стане глобален воздухопловен центар, со летови до над 350 дестинации низ целиот свет.
По неговото завршување, аеродромот ќе опслужува 250 авионски компании од целиот светот со капацитет за слетување и полетување на 2.000 авиони дневно.