Miraç Kaya
14 Јуни 2021•Ажурирај: 15 Јуни 2021
БАЛИКЕСИР
Безбедносните сили на Турција приведоа најмалку 47 полицајци осомничени за членство во терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кабинетот на Државното обвинителство во Баликесир издаде налог за приведување на 61 осомничено лице, што се товарат за членство во терористичката организација ФЕТО, а станува збор за полициски службеници за кои е утврдено дека имале контакти со високопозиционирани имиња во структурите на терористичката организација ФЕТО.
Акциите за приведување се извршени утринава во Баликесир и во уште 31 турски град, а досега се приведени 47 полициски службеници, додека по останатите 14 уште се трага.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.