Emin İleri
29 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) – Во рамките на истрагата за убиството на Џамал Кашоги, специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за вонсудски погубувања, Агнес Каламард, пристигна во Турција, со цел спроведување истрага во саудискиот Конзулат, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегецијата предводена од Каламард пристигна во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија, заради истрагата за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, убиен во Конзулатот на 2 октомври 2018 година.
Каламард, која го разгледа просторот околу Конзулатот, на новинарите им изјави дека доцна ги информирале саудиските власти за посетата.
„Треба да им дадеме време за да го оценат нашето барање. Бараме дозвола од властите за да можеме да влеземе внатре“, рече Каламард.
Агнес Каламард истакна дека извештајот што ќе го подготват за убиството на Кашоги, ќе го презентираат пред Советот за човекови права на ОН на седницата која ќе се одржи во јуни, но дека датумот може да биде пофлексибилен.
Каламард во посетата ја придружуваат британската адвокатка Елена Кенеди, поранешниот претседател на Светската академија за судска медицина и директор на Факултетот за медицина на Коимбра, д-р Дуарте Нуно Вијера.
- Останките на Кашоги сѐ уште не се пронајдени -
Саудискиот новинар Џамал Кашоги беше убиен на 2 октомври 2018 година во зградата на саудискиот Конзулат во Истанбул, во кој влегол за добивање документи за стапување во брак.
Убиството на Џамал Кашоги, колумнист на весникот „Вашингтон пост“ и еден од највлијателните новинари на Блискиот Исток, во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, и настаните по убиството сѐ уште се наоѓаат во агендата на Турција и меѓународната заедница.
Има информации за тоа кога, каде и како бил убиен Кашоги, но сѐ уште останува нејасно каде се наоѓаат неговите останки.