Muhammed Ali Gürtaş
25 Август 2016•Ажурирај: 25 Август 2016
АНКАРА (АА) - Утре на свечената церемонија во Истанбул, на која ќе присуствува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ќе биде отворен третиот мост преку Босфорот, јавува Anadolu Agency (AA).
Мостот „Јавуз Султан Селим”, наречен по отоманскиот султан од 16-от век, по третпат ќе ги поврзе азискиот и европскиот континент.
Се проценува дека овој најдолг висечки мост кој ќе има систем на железница, ќе заштеди 1,75 милијарди долари годишно во смисла на трошоци на енергија и заштеда на време.
Исто така, турските официјални лица веруваат дека ќе можат да ги решат загадувањето на воздухот во градот на Босфорот како и познатиот сообраќаен метеж.
Владата предвиде дека мостот дневно ќе го користат 135.000 возила. Надоместокот за автомобилите кои од европска страна ќе одат на азискиот дел ќе изнесува 9,90 турски лири, односно 3,4 долари.
Претходно, турскиот претседател се осврна на оние кои не веруваа дека мостот ќе биде завршен на време.
„Кога ги поставивме темелите на мостот, на 29 мај 2013 година, некои луѓе рекоа: тоа нема да се случи. Тогаш им кажавме: Ние ќе ги поврземе Европа и Азија со мостот „Јавуз Султан Селим Бриџ”, и тоа ќе биде наша голема порака на светот. Само оние кои размислуваат за големите можности се во состојба да реализираат таков проект”, порача Ердоган.
Мостот долг 1,4 километри, со широчина 25 метри, ќе има осум сообраќајни ленти и две шини.
Инаку, на свеченоста на отворањето на мостот во Истанбул ќе присуствуваат голем број државници од целиот свет.