Турција

Истанбул каков што никој не го памети: На „Таксим“, „Истиклал“ и Еминону владее тишина

Репрезентативниот дел на Истанбул, познатата улица „Истиклал“, која е незаобиколна точка за секој турист што го посетува овој град, и која е позната по големата фреквентност на луѓе, деновиве дава една сосема поинаква слика.ж

Emrah Gökmen  | 04.04.2020 - Обновена : 05.04.2020
Истанбул каков што никој не го памети: На „Таксим“, „Истиклал“ и Еминону владее тишина Фото: Mehmet Eser/AA

ИСТАНБУЛ (АА) - ЕМРАХ ЃОКМЕН -

Истанбул, еден од најнаселените градови во светот, кој во текот на годината е домаќин на милиони туристи од целиот свет, како резултат на мерките преземени против коронавирусот Ковид-19 овие денови владее незапаметена тишина, пишува Агенција Анадолија (AA).

Репрезентативниот дел на Истанбул, познатата улица „Истиклал“, која е незаобиколна точка за секој турист што го посетува овој град, и која е позната по големата фреквентност на луѓе, деновиве дава една сосема поинаква слика.

Новинарот на АА помина низ улицата „Истиклал“, на која немаше речиси никој. Празен е исто така и познатиот плоштад „Таксим“, до кој води улицата „Истиклал“.

Не е поинаква ситуацијата ниту во другите делови на Истанбул, познати по големата фреквентност, како што се Еминону, Аксарај, мостот „Галата“, плоштадот „Ортакој“.

Продавачот на популарниот турски компир на плоштадот „Ортакој“, Селами Ташдемир, за АА изјави дека работи на истото место веќе 27 години, но дека досега не бил сведок на вака празни улици во Истанбул.

„И камења да паѓаа од небо, на овој плоштад секогаш имало најмалку 100 луѓе. Мојата генерација не памети ваква состојба. Бог нека ни помогне да го пребродиме ова“, рече Ташдемир.

Меѓу новите мерки воведени вчера од страна на турските власти е задолжителното носење маски на местата каде што има поголема фреквенција на луѓе, вклучително и во маркетите, пазарите.

Воведена е и 15-дневна забрана за влез и излез на возила во 31 турска област, меѓу кои и Истанбул. Воведена е забрана за движење на лица помлади од 20 години, освен во исклучителни ситуации. Во исто време, се забранува собирање на голем број луѓе на јавни места, вклучувајќи ги улиците и подрачјата покрај брегот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.