Турција

И покрај трите факултети, избра да стане „најколоритниот“ мајстор во Измир

„Се обидувам да создадам уметност, користејќи ја каросеријата на возилото како сликарско платно. Многу сум среќна кога ќе ги видам задоволните лица на муштериите по завршената работа. Наоѓам мир во работата“

Yusuf Şahbaz  | 22.07.2018 - Обновена : 23.07.2018
И покрај трите факултети, избра да стане „најколоритниот“ мајстор во Измир Emin Mengüarslan/AA

Izmir

ИЗМИР (АА) - ЈУСУФ ШАХБАЗ -

По завршувањето на три насоки на Универзитетот „Билкент“, Ѓозде Ајтер се вработила во индустриска зона во Измир. Таа, и покрај својата виолетова коса и лакираните нокти, возилата ги бојадисува во различни дезени.

Ајтер (36), по потекло од Трабзон (североисточен дел на Турција), поради студиите, во 1998 година се преселила во Анкара. По дипломирањето во 2003 година на Насоката за англиски јазик и литература, Ајтер подоцна, на истиот универзитет студира Бизнис, а потоа и Банкарство и финансии.

Наместо по дипломирањето да работи во областите во кои дипломирала, Ѓозде Ајтер избрала да го следи својот сон и одлучила да работи во секторот што многу го сака, а тоа е автомобилската индустрија. Во овој период, заедно со нејзиниот сопруг Таркан Ајтер, Ѓозде работи на бојадисување и лакирање на автомобилите со техниката „airbrush“, техника која е особено популарна во САД и во европските земји. Пред да започне со оваа техника, во почетокот Ѓозде работела на увоз на производи кои се користат во овој сектор.

Со тек на време, парот Ајтер станува дистрибутер на овие производи за Турција, а од 2012 година во местото Борнова, Измир, во индустриската зона отвораат сопствена работилница. Ѓозде, која во почетокот избегнувала да доаѓа во работилницата, по пристапот што еснафот го покажал кон неа и по воспоставените комуникации, за кусо време на другите занаетчии им станува како сестра.

Ѓозде, која со својата виолетова боја на косата и лакираните нокти, го привлекува сечие внимание, речиси шест години, со методот „airbrush“ дезенира и им нанесува различни мотиви на каросериите на автомобилите.

- Каросеријата ја користи како сликарско платно -

Во разговорот со новинарот на АА, Ѓозде изјави дека се нашла себеси во автомобилскиот сектор и се чувствува многу среќна бидејќи го работи она што го сака.

Таа вели дека се труди да го отслика на каросеријата она што муштериите го замислиле. „Се обидувам да создадам уметност, користејќи ја каросеријата на возилото како сликарско платно. Многу сум среќна кога ќе ги видам задоволните лица на муштериите по завршената работа. Наоѓам мир во работата“, рече Ѓозде.

Зборувајќи дека најголем поддржувач во работата е нејзиниот сопруг, Ѓозде истакна дека во индустриската зона, еснафот ја именува како „мајсторе“ и „сестро“.

- „Мојот бизнис-центар е индустриската зона“ -

Посочувајќи дека работата во индустриската зона, за неа како жена преставувала сериозна одлука, Ѓозде Ајдер продолжи со зборовите:

„Виолетова коса, фустан... Си реков „да се обидам“, но еснафот ми беше многу од помош. Секој ни препраќаше муштерии. Во почетокот многу им го привлеков вниманието на сите. Останатите лимаролакери гледаа што правиме. На секого му доаѓаше чудно една жена да се најде меѓу разредувачи, на место каде што се бојадисува, лакира. Досега нема никакви негативни реакции од нив. Моите колеги со кои заедно дипломирав, сега работат во бизнис-центри. Мојот бизнис-центар е индустриската зона на лимаролакерските сервиси. Многу сум среќна што сум тука. Обично ми се обраќаат со „мајсторе“. Обраќањето не се менува ниту од постарите, ниту од помладите. Впрочем, тоа го има во амбиентот на индустриската зона. Не се чувствувам непријатно поради тоа.“

Ѓозде потсети дека меѓу нејзините муштерии има и познати личности.

Истакнувајќи дека секој треба да ја работи работата што ја сака, Ѓозде го посочи следното: „Индустриската зона воопшто не е место од кое човек треба да се плаши. Кога во работилницата ќе дојде некој кој воопшто не ме познава, ми вели: ’Треба да се сретнам со мајсторот.‘ Кога ќе му кажам дека тоа сум јас, тој ќе ми се обрати со: ’Не, не, јас треба да се сретнам со мајсторот.‘ Потоа, кога сѐ ќе се разјасни, можам да ја видам зачуденоста на неговото лице. Многу често учествувам во слични дијалози.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.