Muhammed Boztepe
11 Ноември 2019•Ажурирај: 12 Ноември 2019
АНКАРА
Исмаил Чатакли, заменик-министер за внатрешни работи на Турција и портпарол на Министерството за внатрешни работи, кој во исто време е одговорен за Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) и за миграции, за АА изјави дека во согласност со она што минатата недела го изјави министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, денеска започнала депортацијата на странските терористички борци, јавува Anadolu Agency (AA).
Чатакли изјави дека уште од утринските часови се завршени постапките за депортација на некои странски терористички борци, и продолжи со зборовите:
„Еден странски терористички борец со потекло од САД во Центарот за враќање назад, чија постапка е завршена уште во утринските часови, е депортиран од Турција од страна на Генералниот директорат за управување со миграции. Повторно од Центарот за враќање назад завршена е постапката за депортација на еден странски терористички борец со потекло од Германија, додека во тек е правната постапка за еден странски терористички борец од Данска и се очекува во текот на денот и двајцата да бидат испратени во матичните земји. Тоа значи дека денеска во Турција ќе биде обезбедена депортација на тројца странски терористички борци. Освен тоа, во Центарот за враќање е направена патната програма за седум странски терористички борци со потекло од Германија. Тие ќе бидат депортирани на 14 ноември.“
- „Решително продолжува процесот за екстрадиција на странските терористички борци“
Чатакли соопшти дека привршува постапката за двајца странски терористички борци со потекло од Ирска, фатени во Сирија, и додаде дека тие ќе бидат вратени во матичните земји:
„По завршувањето на постапката за патната програма за двајцата странски терористички борци со потекло од Германија, фатени во Сирија, се планира тие да бидат депортирани во текот на неделава. Освен тоа, продолжува постапката за 11 странски терористички борци со потекло од Франција кои се фатени во Сирија. Завршена е идентификацијата на националноста на фатените странски терористички борци, а завршени се и 90% од деталните интервјуа и контактирани се нивните матични земји. Решително продолжува екстрадицијата на странските терористички борци во нивните матични земји.“