Ramazan Ercan
14 Март 2018•Ажурирај: 15 Март 2018
ИЗМИР (АА) - Рамазан Ерџан -
Додека 2015 претставува година во која беше достигнат врвот на илегалните премини на имигрантите кои по морски пат се обидуваа да пристигнат во Европа, по започнувањето на активностите на Командата на турската крајбрежна стража и другите единици оваа бројка е намалена за 97 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), од 853.650 илегални премини во Грција во 2015 година, кон крајот на 2017 година оваа бројка се намали на 28.907.

Според проценката што ја направи новинарот на АА, 2015 и 2016 беа години во кои е достигнат врвот на бројката на имигранти, кои поради внатрешнополитичките проблеми во сопствените земји и економската и политичка несигурност, мигрираа кон Европа по морски патишта со желба за подобар живот, а минатата година оваа бројка е намалена за 90 отсто.
Откако Командата на крајбрежната стража спроведува активности во рамките на „Операција за надеж во Егејот“ и „Безбедносна операција во Медитеранот“, во последните три години во Егејското Море и во Медитеранот е забележан сериозен пад во илегалните преминувања на имигрантите.
Според податоците на ИОМ, од 853.650 преминувања во Грција во 2015 година, по започнувањето на активностите на крајбрежната стража, жандармеријата и безбедносните единици, оваа бројка забележува пад од 97 отсто и кон крајот на 2017 година изнесува 28.907.
Командата на крајбрежната стража продолжува со активностите во рамки на операциите со цел да ги прекине илегалните премини и да се спречат смртните случаи на имигрантите. Во првите два месеци од оваа година, единиците на крајбрежната стража и жандармеријата овозможија на копно да бидат фатени 3.828 имигранти кои сакале да извршат илегален премин. Во истиот период во Грција преминале 2.818 имигранти.
- Намалена е смртноста во морињата -
Турската крајбрежна стража и останатите единици, со својата ефикасна борба против илегалните преминувања по морски пат, ја намалија смртноста на имигрантите.
За 80 отсто е намалена смртноста на имигрантите што се удавиле или починале поради хипотермија, откако се превртиле или потонале пловилата со кои се обидувале да извршат илегален премин преку морињата.
Во 2015 година во околните мориња починаа 279 имигранти, во 2016 година оваа бројка изнесуваше 192, а во 2017 година бројката на починати имигранти изнесуваше 56. Додека во изминатите години, во периодот од првите два месеци од годината имаше случаи на смртност на имигранти, досега оваа година не е забележана смртност при илегални преминувања на морињата.
- Активности што спасуваат животи -
Покрај борбата против илегалните миграции, единиците на турската крајбрежна стража спасија голем број имигранти кои се нашле во опасност на отворено море или се соочиле со можно давење.
Персоналот на Командата на крајбрежната стража спаси голем број имигранти од смрт, а еден од таквите случаи е настанот што се случи во местото Дикили во подрачјето на Измир, кога со моторни чамци и хеликоптери беа спасени 51 имигрант кои со гумен чамец се обиделе да преминат на островот Лезбос.
Единиците на крајбрежната стража во 2015 година во Црното Море, Мраморното Море, Егејското Море и во Медитеранот фатија 91.611 имигрант, 37.130 имигранти во 2016, а во 2017 година беа фатени 21.937 имигранти.