Nilay Kar
14 Март 2018•Ажурирај: 14 Март 2018
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, изјави оти се надева дека турско-американските односи ќе бидат унапредени по заминувањето на Рекс Тилерсон од функцијата американски државен секретар, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на турската Влада отпатува утринава во официјална посета на Азербејџан, а непосредно пред заминувањето на аеродромот „Есенбога“ во Анкара, во своето обраќање пред новинарите, ја коментираше вчерашната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп за смена на шефот на Стејт Департментот со најава дека новиот шеф на американската дипломатија ќе биде досегашниот шеф на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Мајк Помпео.
„Без оглед на тоа што се случи, ставот на Турција е јасен. Нам не ни е ни толку важно што новиот американски државен секретар ќе мисли за Турција“, изјави Јилдирим.
Изразувајќи надеж дека во наредниот период би можело да дојде до воспоставување поздрави односи меѓу Анкара и Вашингтон, Јилдирим истакна дека односите не зависат од поединци.
Одлуката на Трамп за смената на Тилерсон и не е големо изненадување, со оглед на тоа дека не се согласуваа за низа надворешнополитички теми, вклучувајќи ја и борбата против климатските промени, кризата во Заливот и Договорот за иранското нуклеарно прашање.
Американскиот претседател Трамп вчера потврди дека со Тилерсон не се согласувал најдобро.
„Еве, пример е Иранскиот договор за кој сметам дека е катастрофален, а тој мисли дека е добар. Сакав тој Договор да се поништи или да се стори нешто во врска со тоа, а тој имаше поразличен став“, изјави Трамп.