Saniye Hülya Çorakçı Ertan
29 Мај 2021•Ажурирај: 31 Мај 2021
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, свечено ја отвори кулата „Чамлиџа“, што претставува највисока градба во градот Истанбул, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за телекомуникациска кула со висина од 587 метри од нивото на морето, што ќе биде истовремено и значајна туристичка атракција на Чамлиџа, градба од која се пружа еден од најубавите погледи на Босфорот и Истанбул.
„Со висина од 587 метри од нивото на морето и поглед на Босфор, оваа кула е највисока градба во Истанбул“, рече Ердоган, подвлекувајќи дека кулата ќе има и многу значителен придонес во туризмот.
Тој додаде дека со овој проект е решен и проблемот на визуелното загадување на Чамлиџа.
„Оваа кула со која во комуникациските и дејностите на емитување преминавме во моделот на единствен предавател, го запре визуелното загадување на Чамлиџа“, рече Ердоган.
Турскиот претседател додаде оти се надева дека кулата „Чамлиџа“, што ќе им служи на телевизијата, радиото, медиумските организации и комуникациските оператори, ќе биде корисна и за земјата и градот.
По обраќањето на Ердоган следуваше и официјално отворање на кулата „Чамлиџа“.
Претходно, денес на конференцијата за новинарите за карактеристиките на кулата „Чамлиџа“ говореше министерот за сообраќај и инфраструктура на Турција, Адил Караисмаилоглу.
Тој рече дека кулата, која претходно почна со пружање услуги за емитување, има значителни туристички содржини, тераса, ресторан, простории за одмор.
Изградбата на кулата почна во 2017 година, а се простира на површина од околу 30.150 квадратни метри. Врвот на кулата достигнува надморска висина од 587 метри, што ја прави највисока градба во Истанбул, па дури и во Европа.
Висината на армираната бетонска конструкција изнесува 221 метар, а висината на челичната антена е 168 метри.
Од тлото, кулата со челичната антена достигнува висина од 369 метри, изградена е да издржи потрес со магнитуда 9, а отпорна е и на силни ветрови.
Кулата „Чамлиџа“, чија длабочина изнесува 218 метри, има вкупно 49 ката, од кои четири ката под земја и 45 ката над земја.
Турција, благодарејќи на кулата „Чамлиџа“, постигна значителен успех во областа на телекомуникациското емитување, а, како што е наведено, прв пат во светот истовремено ќе се емитуваат 100 ФМ радиски емисии од еден комуникациски врв.