ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека новоизградениот тунел Евроазија под Босфорот е уште еден мегапроект кој им доликува на Истанбул и на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Фала му на Бога што сме граѓани на оваа скапоцена земја и на овој град кои спојуваат два континенти. Овој град е навистина вреден за секакво жртвување и ние сме заљубени во Истанбул. Темелите на тунелот Евроазија ги вкопавме на азискиот брег, а свеченото отворање го правиме на европскиот брег”, истакна Ердоган за време на обраќањето на свеченото отворање на новиот турски мегапроект кој под Босфорот ги поврзува Европа и Азија.
Ердоган во оваа пригода ја изрази својата тага по синоќешниот атентат во кој беше убиен рускиот амбасадор во Анкара Андреј Карлов, и порача дека Турција нема да дозволи нiкој да ги загрози нејзините односи со Русија.
„Нашите сили за безбедност и обвинителството ќе ги испитаaт сите аспекти на тој случај и ќе ги открие сите одговорни и вмешани. Формиравме заедничка истражна комисија со Русија и веќе истрагата е започната“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека нема да се дозволи никому да ги загрози турско-руските односи, Ердоган рече дека и неговиот руски колега, Владимир Путин, е на став синоќешниот атентат да не влијае врз трендот на зајакнување на билатералните односи на сите полиња, вклучувајќи го и процесот на решавање на кризата во соседна Сирија.
„Истрајни сме во својот став и во борбата против тероризмот. Не дозволивме тероризмот да направи заложници од нас во својата дневна агенда и нема да го дозволиме тоа никогаш. Затоа тука денес и овде кажавме дека нема да го одложиме официјалното отворање на овој тунел, и еве го отвораме. Убедени сме дека ова е најдобар и најефикасен став против тероризмот“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека тероризмот никогаш нема да има капацитет да ја подели Турција, Ердоган им порача на терористите дека може да го шират своето зло и своето предавство, но дека турскиот народ никогаш нема да можат да го поделат.
На свеченото отворање на тунелот Евроазија во Истанбул присуствуваше државниот врв на Турција како и голем број странски државници и гости.
Станува збор за сообраќаен тунел под морското ниво, кој ги поврзува европскиот и азискиот брег на Босфорот, од едната страна на Истанбул до другата, односно помеѓу Казличешме и Ѓозтепе сега ќе може да се стигне за 15 минути, наместо за 100 минути, колку што беше потребно претходно.
Тунелот на два нивоа под морското дно е долг 5,4 километри, а вкупната должина на проектот е 14,6 километри.
Проширени се патиштата на делницата Сарајбурну-Казличешме и Харем-Ѓозтепе, а изградени се и раскрсници, подвозници и надвозници.
Со тоа што се проширени патиштата на влезот и на излезот од тунелот, сообраќајот е дополнително олеснат и ќе придонесе и за зачувување на животната средина, бидејќи делницата Казличешмe-Ѓозтепе ќе биде најкратката и со тоа ќе има помала емисија на штетни гасови, а и помали трошоци за одржување на возилата.
На проектот работеа истакнати светски инженери, а има развиен систем за безбеден и непречен целодневен сообраќај. Покрај тоа, тунелот, благодарение на модерната технологија и методи, е изграден на таков начин што не постои ризик од земјотреси и цунами.
Исто така ќе биде погоден за користење и при неповолни временски услови. Поради високите безбедносни карактеристики, може да се користи и како засолниште.
Секоја точка од тунелот ќе се следи 24 часа на ден во текот на целата недела, а модерената инфраструктура ќе ја бележи брзината на движење на возилата.
news_share_descriptionsubscription_contact
