Sefa Mutlu,Gökhan Yılmaz
05 Јуни 2016•Ажурирај: 05 Јуни 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во телефонски разговор со сопругата на починатиот боксер Мухамед Али, Лони Али, ѝ изрази сочувство, јавува Anadolu Agncy (AA).
Како што наведуваат изворите од Кабинетот на претседателот, Ердоган во телефонскиот разговор истакнал дека е потресен од веста за смртта на боксерската легенда.
Лони Али му се заблагодарила на Ердоган за тоа што ја подели болката со семејството како и на убавите зборови.
Медиумите ширум светот многу пишуваа за заминувањето на великанот. Многубројни спортисти, политичари и други јавни личности говореа за Али, кој остана запаметен како боксер кој во 61 меч забележа 56 победи, од нив 37 со нокаут.
Мухамед Али боледуваше од Паркинсонова болест откако престана да се бави со боксот. Пред два дена беше хоспитализиран поради респираторни проблеми.
Али од самиот почеток на кариерата покажуваше исклучителен талент за бокс. Веќе од раните денови практикуваше нетипичен начин на борба, со спуштен гард и брзо движење по рингот. Тактиката е често опишувана како „летам околу противникот како пеперутка, бодам како оса”.
Во аматерскиот бокс кариерата ја заврши со освојување на златен медал на Олимписките игри во Рим 1960 година во лесно-тешка категорија. Првата борба за титулата првак во професионален бокс ја имаше веќе во 1962 година, кога во контроверзниот меч го победи Сони Листон.
Американскиот боксер Касиус Марселус Клеј Јуниор во 1964 година премина во ислам и го зеде името Мухамед Али.