Kemal Karadağ
10 Февруари 2017•Ажурирај: 11 Февруари 2017
АКСАРАЈ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган денес во Аксарај во централна Турција изјави дека со сегашниот систем на власта, рацете на Турција се оковани, но дека народот на престојниот референдум ќе одлучи дали сака тие окови да се тргнат, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес зборуваше на собирот во Аксарај, во централна Турција, на церемонијата за отворање на првата турска постројка за складирање на природен гас под езерото Туз.
Во таа пригода, Ердоган се осврна и на актуелните случувања, како и на распишувањето на референдумот и воведувањето на претседателскиот систем во земјата.
Ердоган изјави дека рацете на Турција со моменталниот систем на власт се оковани, и додаде дека народот на референдумот ќе одлучи дали сака тие окови конечно да се тргнат.
„Турција се наоѓа на една важна раскрсница кога е во прашање промената на системот за водење на земјата. Денес, пред да дојдам тука, го ставив својот потпис и тој процес започна. Народот на 16 април ќе излезе на референдум и ќе ја донесе својата одлука“, изјави Ердоган.
Тој истакна дека турскиот народ на 15 јули им се спротивставил на тенковите, на авионите Ф-16 и на хеликоптерите, и додаде дека „да“ на претстојниот референдум на 16 април, го претставува истиот редослед (на настани).
„Претседателскиот систем што ќе го донесат уставните промени ќе ја зајакне нашата борба за остварување на целите, а истовремено ќе го заштити и единството, заедништвото и братството на Република Турција“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека во новиот систем постои еден авторитет, и дека е погрешно тоа што некои го споредуваат со оној во САД.
„Не, ова се нарекува турски тип на претседателски систем на власта. Ние донесуваме еден различен систем во кој претседателот активно ќе има своја партија. Ќе кажеме ли ‘да’ на тоа?“, порача Ердоган.
Освен Ердоган, на свеченото отворање во Аксарај, во присуство на десетици илјади граѓани присуствуваа и премиерот Бинали Јилдирим, министерот за енергетика и природни ресурси, Берат Албајрак, пратениците oд турскиот Парламент, претставниците на дипломатскиот кор, бизнисмени и други гости.
Директорот на Турската транспортна компанија за продажба и дистрибуција на природен гас (БОТАШ), Бурхан Озџан претходно изјави дека проектот чини околу 700 милиони долари. Озџан изјави дека 40 километри јужно од езерото Туз, во местото Султанхани, на длабочина од 1.100 – 1.400 метри се наоѓаат 12 јами, кои имаат физичка зафатнина меѓу630.000 и 750.000 кубни метри.
Тој појасни дека со завршувањето на овие 12 јами ќе биде добиен капацитет од 1,2 милијарди кубни метри природен гас. Озџан додаде дека на тој начин дневно ќе биде можно да се достават максимално 44 милиони кубни метри гас.