Esin Işık
24 Октомври 2019•Ажурирај: 25 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција е во меѓународната борба во која стои цврсто и исправено наспроти целиот свет, јавува Anadolu Agency (AA).
„Со болна насмевка гледаме на тоа што лекции за хуманост сакаат да ни држат оние кои се одговорни за смртта на 50 милиони луѓе за време на Втората светска војна. На оние кои нашата хуманост ја гледаат како слабост, никогаш нема да се откажуваме да им покажуваме дека имаме челичен чекан во ракавица од кадифе“, порача Ердоган на собирот во Претседателската палата во Анкара.
Потсетувајќи дека Европскиот парламент вчера предложил во Сирија да се прогласи зона на забранети летови, Ердоган изјави дека Турција тоа го предложувала додека стотици илјади цивили биле изложени на воздушните напади на сирискиот режим и на другите сили.
„Се возбудуваат кога ќе кажам дека ќе ја отвориме вратата на бегалците, не грижете се, кога ќе дојде тој момент, тие врати може да се отворат“, изјави Ердоган.
Ердоган понатаму изјави дека Турските вооружени сили за време на операцијата на северниот дел од Сирија од терористите ослободиле и под контрола ставиле подрачје од 4.220 километри квадратни и додаде дека турската војска во соработка со Сириската национална војска моментално ги чисти останатите терористички елементи и минско-експлозивни направи на тоа подрачје.
„Наше природно право е да ги неутрализираме терористите доколку ни се спротивстават. Нема да учествуваме во игра доколку некој се обиде тие терористи да ги постави на границата така што ќе им го промени името, знамето или униформите. Го повикувам целиот свет да сфати и да го прифати фактот дека терористичката организација ЈПГ/ПКК е опасна колку и ДЕАШ. Никогаш нема да се откажеме од нашата борба и за време на борбата никогаш нема да калкулираме“, изјави Ердоган.
Ердоган исто така изјави дека воената операција секогаш била последен избор на Турција, но дека е донесена во таква ситуација во која таквите операции биле неминовни на северниот дел на Сирија.
Коментирајќи го претстојниот процес на пишување на новиот устав на Сирија, Ердоган изјави дека на јавноста секогаш ќе ги открива оние кои се обидуваат да го саботираат тој процес со користење на терористички групи или на сирискиот режим.