Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
12 Март 2021•Ажурирај: 12 Март 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција од Кина може да добие втора пратка со 50 милиони дози од вакцината против Ковид-19, доколку земјите постигнат договор, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Можно е да пристигне втора пратка од Кина. Доколку се согласиме за ова прашање, ќе можеме да купиме додатни 50 милиони дози од вакцината од Кина“, изјави Ердоган за новинарите во Истанбул по петочната молитва.
Во врска со ограничувањата и мерките преземени со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, Ердоган изјави: „Флуктуирачкото однесување на соевите на Ковид-19 ни го отежнува донесувањето на одлуки“.
Тој, исто така, изјави дека Турција ќе продолжи да ги ублажува ограничувачките мерки против коронавирусот, но додаде дека благосостојбата на граѓаните останува нивен приоритет.
Во врска со купувањето на вакцините Ердоган изјави дека договорите на Турција со Кина и Германија се во тек, додавајќи дека исто така во тек се и преговори со Русија за постигнување на договор.
Досега во Турција се администрирани над 10,55 милиони дози од вакцината. 7,83 милиони лица ја имаат примено првата доза, додека над 2,72 милиони ја имаат примено втората доза на вакцината. Турција со својата кампања за масовна вакцинација започна на 14 јануари.
- Египет, Саудиска Арабија -
Ердоган во своето обраќање пред новинарите ги потврди и извештаите за соработката со Египет во неколку области, по неколкугодишните нарушени односи.
„Нашата соработка со Египет на полето на разузнавањето, дипломатијата и економијата е веќе во тек. Не постои проблем во врска со тоа. Не е на највисоко ниво, но е блиску до високо ниво“, изјави Ердоган, додавајќи дека се надева оти понатамошно ќе се зајакнат односите.
Истакнувајќи дека жителите на Египет и Турција се неразделни, Ердоган изјави дека односите можат уште повеќе да бидат зајакнати кога преговорите во полето на разузнавањето, дипломатијата и политиката ќе вродат со плод.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес соопшти дека Турција и Египет започнале со контакти на дипломатско ниво, по повеќегодишната пауза поради нарушувањето на односите во 2013 година.
Во врска заедничката воена обука на Саудиска Арабија со Грција, Ердоган рече дека Турција се надева оти Ријад нема да донесе таква одлука, додавајќи дека ќе разговара за ова прашање со саудиските власти.