Hanife Sevinç
12 Март 2021•Ажурирај: 14 Март 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во Истанбул го претстави новиот пакет на економски реформи и порача дека неговата суштина е раст на економијата врз основа на вложување, производство, вработување и извоз, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган изјави дека се надева оти оваа Мапа на патот ќе ја имплементираат заедно со турскиот народ, институциите и бизнис заедницата.
Тој нагласи дека столбот на економските реформи на Турција се макроекономските и структурните политики.
„Суштината на нашата работа на економските реформи е раст на економијата врз основа на вложување, производство, вработување и извоз“, изјави Ердоган, нагласувајќи дека е неопходно е економскиот раст на Турција да се зголеми со поголема продуктивност и производство.
„Турција по пандемијата со сигурност ќе фати силен и квалитетен одржлив раст во согласност со економската структура на овој период. Приоритетно подрачје на реформите ќе биде креирање на посилен систем на јавни финансии. Воглавно ќе се задолжуваме со сопствени пари и ќе користиме банкноти деномирани во турска лира“, порача Ердоган.
Тој додаде дека во рамките на реформите ќе се занимаваат со проблеми со кои се соочуваат меѓународните инвеститори по прашање на даноците.
„Тежнееме кон домашна и национална економија во која ќе ја зајакнеме реалната економија, ќе ја намалиме употребата на увезени производи и ќе поставиме нови рекорди во извозот на производството со додатна вредност“, изјави турскиот претседател.
Тој најави формирање на логистички центри надвор од Турција со цел побрз и поповолен пласман на извозните производи на пазарот.
„Деноноќно ќе работиме Турција да стане една од 10 најголеми економии во светот“, изјави Ердоган, нагласувајќи дека Турција останува силна и покрај големиот број регионални и глобални кризи.
Зборувајќи за пандемијата на коронавирусот тој изјави дека е јасно оти богатиот свет нема да пронајде мир и големите економии нема да можат да се стабилизираат доколку вакцините и лековите на праведен начин не се достапни за употреба во сите земји.
Тој нагласи дека пандемијата на коронавирусот, која го зафати целиот свет, па со самото тоа и Турција, станала своевиден предизвик за инфраструктурата изградена во земјата во последните 18 години, но и за новиот систем на управување.
„Пандемијата на коронавирусот, која како и целиот свет, ја зафати и нашата земја, стана своевиден предизвик за инфраструктурата која во последните 18 години ја изградивме во нашата земја, но и новиот систем на управување. Благодарение на Бога успешно одговоривме на сите полиња, од здравството до производството, од безбедноста до социјалната заштита“, изјави Ердоган.