Yasemin Kalyoncuoğlu,Ayşe Şensoy Boztepe,Mehmet Tosun
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека Турција е држава која најмногу ги подобрила платите на наставниците во последните 19 години во Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
На свеченоста по повод ангажманот на нови 15.000 наставници во Народниот конгресен и културен центар „Баштепе“ во Анкара, Ердоган кажа дека со тоа дополнително се зајакнува образовната сила во земјата.
„И покрај тешкотиите предизвикани со пандемијата, Турција е една од ретките земји која може непречено да продолжи со образовните активности во целата земја“, кажа Ердоган и изрази целосна верба дека и второто полугодие ќе биде реализирано со голем успех и без проблеми.
Тој кажа дека државата нема да дозволи каква било бариера да застане помеѓу учениците, нивните наставници и училиштата.
„Правиме сè нашите деца повеќе да не се одвојуваат од наставниците и да не се оддалечуваат од училиштата. Секако дека и ние ги почувствувавме тешкотиите и проблемите предизвикани од пандемијата, но со заложбата на нашите наставници и родители ги надминавме сите пречки и нашите училишта беа отворени“, кажа Ердоган.
Тој потсети дека образованието е еден од четирите столба на развојот на Турција, што го најави со доаѓањето на власт во 2002 година, и додаде дека образовниот сектор преминал преку обемен процес на унапредување и модернизација, а дека буџетот за образование од 7,5 милијарди лири од 2002 година досега е зголемен на 274 милијарди лири.
„Благодарение на огромните инвестиции што ги вложи во последните 19 години, Турција речиси во целост ги реши своите недостатоци во образовната инфраструктура. Нашиот главен фокус отсега е подобрување на квалитетот на образованието. Тоа ќе го постигнете токму вие, наставниците. Затоа мораме да ажурираме и да развиваме содржини на образование и да понудиме најсоодветен наставен план и програма за нашите деца“, порача Ердоган.
Турскиот претседател рече дека случувањата во изминатиот период покажале дека најголемата опасност со која таа земја може да се соочи е младите да завршат во канџите на тероризмот и маргиналните идеологии.
„Како нација, не можеме да дозволиме ниту едно дете да биде изгубено поради делувањето на која било организација, која било мрежа или какви било девијантни и маргинални идеологии“, заклучи Ердоган.