Merve Özlem Çakır
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - МЕРВЕ ОЗЛЕМ ЧАКИР -
Министерството за транспорт и инфраструктура на Турција ја казни компанијата одговорна за Автопатот Северна Мармара (КМО) со 6,8 милиони турски лири, поради затворање на делови од автопатот за сообраќај на 18 часа поради обилните снежни врнежи на 24 јануари. Компанијата им ја вратила и наплатената патарина на возачите.
Според информациите до кои дојде новинарот на Агенција Анадолија (АА), во понеделникот, 24 јануари, во некои делови на Автопатот Северна Мармара се случија сообраќајни несреќи поради обилните снежни врнежи што тој ден го зафатија Истанбул. Сето тоа негативно се одрази на целокупниот сообраќај во Истанбул.
Министерството за транспорт и инфраструктура на Турција презеде мерки по бројните поплаки на граѓаните кои практично останаа заробени во снегот на улиците на Истанбул.
Во врска со ова, Министерството ја казни оперативната компанија одговорна за Автопатот Северна Мармара со 6.795.957 лири (455.493 евра), бидејќи патните комуникации на автопатите Кинали - Јасирен (Дел 1), Јасирен - Одаери (Дел 2), Хабиплер - Хасдал (Дел 7) беа затворени за сообраќај дури 18 часа.
Од компанијата изјавија дека најобилните снежни врнежи во последните години се забележани во Истанбул, а интензивно се работело на целата автопатска мрежа што ги опфаќа трите делници за да не се попречува транспортот и граѓаните да немаат поплаки.
„Иако пред врнежите беа преземени мерки за посипување сол и истурање раствор на највисоко ниво, поради снегот што достигна големина на катастрофа, се соочивме со несакани последици и нашите граѓани беа принудени да чекаат на патот“, се вели во соопштението.
Беше нагласено дека компанијата на сите возачи им ги надоместила патарините што ги платиле на автопатот со цел донекаде да се ублажат поплаките на граѓаните кои останале затрупани на автопатот.
Наплатената патарина им била вратена и на возачите кои останале заглавени на други делници во Истанбул.