АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција е подготвена да ја игра улогата на посредник, помошник и да обезбеди поддршка во кој било формат кој е потребен за да се стави крај на тензиите меѓу Русија и Украина, со согласност на двете страни, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи за новинарите за време по враќањето од Катар, Ердоган изјави дека Турција се надева дека таквите тензии нема дополнително да се зголемат и дека стабилноста во регионот ќе биде зачувана.
„Подготвени сме да ја дадеме нашата поддршка за воспоставување канал на дијалог“, продолжи тој.
„Со согласност на двете страни, можеме да понудиме поддршка во улога на помошник, посредник или каков било друг посакуван формат. Секако, без двоумење ќе го извршиме нашиот дел за мир во регионот“, изјави Ердоган.
Долгогодишните тензии околу нелегалната руска анексија на Крим во 2014 година беа влошени од сепаратистите поддржани од Русија во источниот пограничен регион Донбас, заедно со руското воено засилување кое Западот го осуди.
Во петокот, министерот за одбрана на Украина предупреди дека Русија би можела да предизвика голема ескалација во јануари следната година.
Олексеј Резников рече дека околу 94.000 руски војници се распоредени на границата со Украина и дека разузнавачките сили работат на сите можни сценарија што може да се појават.
По тоа, САД соопштија дека ќе преземат „силни“ економски мерки против Русија во случај Москва да манифестира воена агресија врз Украина.
- Односи меѓу Турција и Израел
Нагласувајќи дека турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и разузнавачките служби ќе играат активна улога во врските со Абу Даби, Ердоган рече дека сличен процес може да биде можен и со Израел.
„Имав разговори со Израел во минатото. Но во овој момент, Израел треба да биде почувствителен за својата палестинска политика во регионот. Треба да биде чувствителен за Ал Кудс [Ерусалим] и Џамијата „Ал Акса““, рече тој.
„Веднаш штом ќе го видиме чувствителниот пристап овде, ќе дадеме сѐ од себе и ќе ги преземеме нашите чекори“, додаде Ердоган.
Запрашан дали ќе има меѓусебно преназначување на амбасадорите, претседателот рече: „Сиве овие работи ќе се случат. Израелската страна веќе знае која е нашата чувствителност. Ја знаеме чувствителноста на Израел. Значи, го решаваме прашањето врз основа на оваа чувствителност.“
Кон крајот на ноември, престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан ја оствари својата прва официјална посета на Турција од 2012 година, и двете нации потпишаа серија договори за соработка, кои Ердоган ги нарече „срдечни чекори кои ќе започнат нова ера меѓу Турција и Обединетите Арапски Емирати“.
- Посетата на Катар
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, оценувајќи ја посетата на Доха, изјави дека односите на Турција и Катар се издигнати на уште повисоко ниво.
Ердоган потсети дека вчера во Доха е одржан седмиот состанок на Врховниот стратешки совет на Турција и Катар, додавајќи дека со катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани имал многу продуктивни состаноци, и дека ја потврдиле волјата за јакнење на соработката.
„Со договорите кои ги постигнавме, односите на Турција и Катар се издигнати на уште повисоко ниво. Изразивме обострано задоволство со напредокот кој го постигнавме во нашите билатерални односи во текот на последните години. Уште еднаш нагласивме дека имаме исти ставови за регионалните и за глобални прашања. Потпишавме и 15 договори кои додатно ќе ја зајакнат нашата соработка во различни области“, изјави Ердоган во обраќањето на новинарите по посетата на Катар.
Тој нагласи дека односите меѓу Турција и Катар, исто така, даваат важен придонес за безбедноста и стабилноста на целиот регион.
„Турција и Катар покажаа дека се вистински пријатели, дејствувајќи солидарно во тешки времиња. Исто така, многу сум задоволен од решавањето на несогласувањата меѓу Катар и некои земји во регионот. Се надеваме дека односите меѓу сите братски земји во регионот ќе се подобрат во наредниот период“, рече тој, напоменувајќи дека Турција е секогаш подготвена да придонесе за надминување на тензиите во регионот.
На новинарско прашање дали лидерите на Турција и Катар разговарале и за функционирањето на аеродромот во Кабул, Ердоган рече дека тоа е едно од прашањата за кои разговарале со катарските власти.
„За ова прашање, катарската страна назначи некого од приватниот сектор. Исто така, турската страна назначи некого. Овие компании ќе преговараат меѓу себе, ќе преговараат и со талибанците и ќе соработуваат со нашите блиски пријатели за ова прашање. Доколку се обезбедат соодветни услови, особено безбедност, тие ќе го разгледаат процесот на функционирање на аеродромот во Кабул“, рече Ердоган.
На прашањето кога може да се видат ефектите од новата економска политика на Турција, Ердоган рече дека не веруваат во високи каматни стапки.
„Политиката со ниски каматни стапки ќе ги намали и девизниот курс и стапката на инфлација. Дефинитивно, верувам дека политиката на високи каматни стапки ги прави богатите уште побогати, а сиромашните уште посиромашни. Ова никогаш не можеме да го дозволиме. Наша задача е да ја зголемиме вработеноста со поттикнување инвестиции со ниски каматни стапки и зголемување на производството и извозот со зголемување на бројот на вработени. Кога ќе го постигнеме тоа, ќе обезбедиме раст и тоа веќе може да се види во Европската организација за економска соработка и развој (OECD). Ние сме втора најбрзо растечка земја во ОЕЦД. Некои меѓународни агенции предвидуваат раст од 10 отсто за Турција во 2021 година. Веќе можеме да кажеме дека ќе ја постигнеме таа стапка на раст. Во третиот квартал остваривме раст од 7,4 отсто. Се надевам дека на крајот на годината растот ќе биде и над тоа, но не помал од тоа. Убедени сме во тоа“, објасни Ердоган.
Тој посочи дека растот на светските цени на стоките е една од причините за поскапувањето на некои производи, а друга причина се алчните шпекуланти на пазарот, додавајќи дека потешкотии предизвикува и акумулацијата на залихи на стоки.
„По дискусиите за буџетот, веднаш ќе донесеме законска регулатива и сериозно ќе се справиме со оние што ги акумулираат залихите. Веќе најавувам дека санкциите ќе бидат значително повисоки во наредниот период. Нека го знаат ова добро и нека не посегнуваат по акумулирањето. Ќе им го одземеме тоа што го имаат и ќе ги задржиме високите казни. Акумулирањето залихи е исто така забрането во нашата религија. Ова се нарекува алчност. Не можеме да го дозволиме тоа. Никој не може да ги угнетува нашите граѓани со своите постапки. Ги узурпираат правата на сиромашните, нема да им дадеме шанса да го направат тоа. Ова ќе биде еден од најважните столбови на нашиот нов економски поредок“, рече Ердоган.
Ердоган во понеделникот и вторникот престојуваше во работна посета на Катар.