Cankut Taşdan
09 Декември 2021•Ажурирај: 10 Декември 2021
ИСТАНБУЛ/АНКАРА (АА) - Турските безбедносни сили уапсија 33 странски државјани поради поврзаност со терористичката организација ДЕАШ, соопштија безбедносни извори, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Екипите на антитерористичката полиција во метрополата Истанбул започнаа операција за приведување на 11 осомничени, за кои се смета дека се членови на групи кои планираат напади во име на ДЕАШ“, изјавија изворите, кои побараа анонимност.
Како дел од истрагата, полициските екипи спроведоа истовремени операции на 11 локации во четири различни подрачја во Истанбул.
„Одделно, антитерористичката полиција во главниот град Анкара започна операција за да фати 30 други странски државјани за наводна поврзаност со ДЕАШ“, информираат изворите.
„Вкупно 22 осомничени беа задржани како дел од истовремените операции“, истакнаа изворите и додадоа дека во тек се напорите за фаќање на останатите осомничени.
Голем број дигитални материјали и организациски документи беа исто така запленети за време на рациите.
Во 2013 година, Турција стана една од првите држави кои ја прогласија ДЕАШ за терористичка организација.
Терористите на ДЕАШ изведоа повеќе напади во Турција во кои животот го загубија над 300 лица, а стотици беа повредени, и тоа во најмалку 10 самоубиствени бомбашки напади, 7 бомбашки напади и 4 вооружени напади.
Како одговор, Турција започна воени и полициски операции во рамки на земјата и надвор за да спречи понатамошни напади.