Zeynep Rakipoğlu
31 Март 2021•Ажурирај: 01 Април 2021
ИСТАНБУЛ
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека промените со кои во моментот се соочува светот уште повеќе го зголемуваат значењето на платформата за соработка, како што е Советот за соработка на државите од турското говорно подрачје, познат и како Турски совет, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со вонредниот самит што го одржавме во април и со одлуките донесени на состаноците на нашите министри, успеавме влијанието на пандемијата да го сведеме на минимум во поглед на нашата трговска размена“, изјави Ердоган во обраќањето преку видеолинк на Самитот на челници од Турскиот совет.
Тој напомена дека нивните земји исто така во претходниот период интензивно соработувале во борбата против пандемијата на коронавирусот.
„Одборот за наука и здравство, што го формиравме во рамките на Советот, е свикан шест пати. Нашите научници присуствуваа на работилниците за вакцини. Исто така, покажуваме солидарност во согласност со духот на братството за прашањата што се однесуваат на нашата независност, територијалниот интегритет и суверенитет“, изјави Ердоган.
Тој истакна дека Турскиот совет, основан пред 12 години, е силна и конкретна платформа со која значајно се придонесува за јакнењето на единството и солидарноста.
„Турција и понатаму преку овој совет ќе пружа секаков вид поддршка“, додаде Ердоган.
Тој порача исто така дека Турскиот совет, кој го заврши процесот на институционализација во изминатите 12 години, веќе сега поседува значајна репутација на меѓународно ниво.
„Затоа верувам дека дојде време нашиот совет да го наречеме меѓународна организација. Другите држави исто така изразуваат желба да соработуваат со нашиот совет. Во тој поглед, потребно е што побрзо да се утврдат критериумите за обликот на соработка со третите земји.“
Ердоган истакна исто така дека Турција и понатаму ќе му пружа поддршка на Азербејџан.
„Важно е и понатаму да бидеме со Азербејџан со сите свои средства заради заштита и зачувување на турските објекти во Карабах. Намерата ни е што побрзо, веднаш по Рамазан бајрам да ја посетиме Шуша и таму да го прославиме тој празник“, изјави Ердоган.
Тој потоа на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, и на народот на оваа држава им ја честиташе победата во Нагорно Карабах.
„По епската борба што траеше 44 дена, на 30-годишната окупација ѝ дојде крај и Нагорно Карабах е повторно вратен на татковината“, истакна Ердоган.
Планирано е 8-от редовен самит на Турскиот совет да биде одржан во Истанбул на 12 ноември 2021 година, колку ќе го дозволат тоа условите на пандемијата.
Советот за соработка на државите на турското говорно подрачје е основан со Нахчиванскиот договор во 2009 година, а во својата работа се осврнува на заедничката историја, јазик, идентитет и култура на државите кои ги собира. Советот служи како важна регионална платформа за унапредување на соработката и солидарноста меѓу членките.