Beyza Binnur Dönmez
11 Ноември 2022•Ажурирај: 12 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Туркије ги вложува сите напори да стави крај на судирите во Украина, како и да спречи криза со храна, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Самитот на Организацијата на туркиски држави кој се одржува во Узбекистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ги вложуваме сите напори, преку праведен мир да ставиме крај на судирите кои траат девет месеци во Украина. Додека го правиме ова, ги преземаме неопходните интервенции за да ја спречиме кризата со храна“, рече Ердоган за време на неговото обраќање на Самитот.
Земјите членки минуваат низ чувствителен период „со ризици, но и со можности за нашите земји“, посочи Ердоган и додаде: „Во овој период гледаме дека за нас стана многу поклучно да ја зајакнеме соработката, солидарноста и хармонијата на сите полиња.“
На втората годишнина од победата на Азербејџан во Карабах, Ердоган ја повтори поддршката на Анкара за Баку.
„Мировниот процес во Јужен Кавказ сè уште е кревок, и покрај сите обиди на Азербејџан“, рече тој. „Ние стоиме покрај Азербејџан во неговата потрага по мир, како и во неговата борба.“
Ердоган ги повика туркиските држави да ја прошират соработката во спречувањето и менаџирањето на нерегуларната миграција, потсетувајќи дека Туркије е земја која е домаќин на најмногу бегалци во светот од 2014 година.
„Би било соодветно за нас да развиеме заеднички безбедносен концепт и да ги продолжиме состаноците на секретарите на Советот за безбедност“, додаде турскиот претседател.
Тој, исто така, рече дека Организацијата на туркиски држави треба да имплементира фонд за јакнење на соработката.
„Би било корисно да се реализира Туркискиот инвестициски фонд што е можно поскоро. Верувам дека финансиските можности што ги дава фондот ќе ја зајакнат нашата соработка и ќе ги забрзаат нашите активности“, порача Ердоган.