Zafer Fatih Beyaz
10 Ноември 2022•Ажурирај: 11 Ноември 2022
САМАРКАНД (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, со приватен авион пристигна во градот Самарканд во Узбекистан, со цел да учествува на 9. Самит на Организацијата на туркиски земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган на Меѓународниот аеродром во Самарканд беше пречекан од страна на узбекистанскиот премиер Абдула Арипов; вицепремиерот Џамшид Хоџаев; заменик-министерот за надворешни работи, Гајрат Фазилов, како и од турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу; амбасадорот на Туркије во Ташкент, Олган Бекар, амбасадорот на Узбекистан во Анкара, Алишер Азамхоџаев.
Како дел од делегацијата на Ердоган, во Самарканд пристигнаа и првата дама Емине Ердоган, турскиот министер за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу; министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој; министерот за национално образование, Махмут Озер; министерот за национална одбрана, Хулуси Акар; министерот за трговија, Мехмет Муш; министерот за транспорт и инфраструктура, Адил Караисмаилоглу; шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун и портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин.
По покана на узбекистанскиот претседател Шевкет Мирзијоев, Ердоган ќе учествува на 9. Самит на Организацијата на туркиски земји, кој ќе се организира на тема „Нова ера за турската цивилизација: Кон заеднички развој и просперитет“.
Во рамки на Самитот ќе бидат донесени важни одлуки во оваа насока, а ќе се изврши и примопредавање на претседавањето со оваа организација од Туркије на Узбекистан.
Претседателот на Узбекистан, Мирзијоев, на Ердоган ќе му го врачи Националниот орден, како и Големиот орден на туркискиот свет поради неговиот придонес во туркискиот свет.