АНКАРА (АА) - Туркије е подготвена да биде домаќин на сеопфатни преговори за Судан доколку се согласат засегнатите страни, му рече денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на началникот на суданската армија, јавува Анадолу.
Во телефонскиот разговор со Абдел Фатах ал-Бурхан, Ердоган истакна дека Туркије ќе продолжи со своите напори во контакт со Обединетите нации (ОН) за да се обезбеди исполнување на итните хуманитарни потреби на суданскиот народ, се наведува во соопштението на Дирекцијата за комуникации при турското Претседателство.
Ердоган ги изрази и својата тага и загриженост поради порастот на бројот на жртви во „братоубиствената борба“ во Судан.
Во разговорот станало збор и за евакуацијата и безбедноста на турските граѓани во Судан, се додава во соопштението.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денес, исто така, изјави дека Туркије ги преместила сите свои вработени, особено обезбедувањето, од Амбасадата во Судан со поддршка на Ал-Бурхан.
„Алах да не стави ниту една земја во оваа ситуација. Да не го сменевме балансот во Либија, улиците на Триполи и денес ќе беа вакви. Ние, исто така, се обидуваме да ја запреме и оваа војна (во Судан)“, рече Чавушоглу на настан во јужната турска област Анталија.
Во текот на викендот службеното возило на турскиот амбасадор во Судан, Исмаил Чобаноглу, беше погодено од огнено оружје во главниот град Картум.
Нема информации за жртви, а од каде доаѓаат истрелите сѐ уште не е познато.
Во последните месеци меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) се појави несогласување околу интеграцијата на РСФ во вооружените сили, клучен услов за транзицискиот договор на Судан со политичките групи.
Судан е без функционална влада од октомври 2021 година, кога војската ја разреши преодната Влада на премиерот Абдала Хамдок и прогласи вонредна состојба, потег што политичките сили го квалификуваа како „државен удар“.
Преодниот период на Судан, кој започна во август 2019 година по соборувањето на претседателот Омар ал-Башир, требаше да заврши со избори на почетокот на 2024 година.