Dzihat Aliju
09 Мај 2023•Ажурирај: 10 Мај 2023
ОХРИД (АА) - ЏИХАД АЛИУ -
Шефот на Одделот за Интерпол/Европол на Туркије и делегат на Извршниот комитет на Интерпол за Европа, Селчук Севгел, изјави дека на 100-годишнината од формирањето на Интерпол, Туркије продолжува да придонесува на секое поле во оваа организација со сета моќ, со сето свое полициско искуство, јавува Анадолу.
Севгел, кој учествува на 50. Европска регионална конференција на Интерпол што се одржува во Охрид, во изјавата за АА вели дека ја претставуваат Туркије на највисоко ниво во Извршниот комитет што ги донесува сите одлуки во Интерпол.
Тој потсети дека на 89. Генерално собрание на Интерпол, одржано во 2021 година во Туркије, тие беа избрани за делегати на континентот Европа во првиот круг со добивање најголем број гласови.
Севгел рече дека минатата година ја дале својата поддршка за предлогот според кој конференцијата требаше да се одржи во Северна Македонија, која ја смета за пријателска и братска земја и за која вели дека има културни врски со Туркије. Притоа, тој ја пофали Северна Македонија за многу добрата организација на настанот.
Според него, главни теми на 50. Европска регионална конференција на Интерпол се областите на борбата против меѓународниот организиран криминал, прекуграничниот криминал, борбата против терористичкиот криминал и борбата против киберкриминалот, за кои најмногу се зборува во денешно време.
„Ова е голема конференција што се реализира со учество на околу 49 земји и 10 меѓународни организации. Ние сме три лица, јас и двајца колеги од делегацијата, кои ја претставуваат нашата земја на оваа конференција. Во исто време, како што кажав, овде сум како претставник на Извршниот комитет на Интерпол. Овде разговараме како може заедно да се бориме против прекуграничниот криминал, организираниот криминал и терористичкиот криминал, како ние како Интерпол може да го максимизираме споделувањето информации, како може да обезбедиме координација со другите меѓународни полициски агенции и да ги подигнеме на највисоко ниво“, рече Севгел.
Тој нагласи дека Туркије е една од првите 20 земји што го потпишаа основањето на Интерпол во 1923 година, додавајќи: „Ова е многу важно. Ние, во тоа време, во 1923 година, кога штотуку беше основана нашата република, го инициравме основањето на оваа организација, разбирајќи ја нејзината важност.“
„Во 1930 година, во Анкара, беше формирано Националното централно биро на Интерпол. Во својата 100-годишнина Туркије со сите сили, со целото полициско искуство, продолжува да придонесува на секое поле за Интерпол“, рече Севгел.
На 50. Европска регионална конференција на Интерпол, покрај министрите за внатрешни работи и директорите на полицијата од Европа, учествуваат и претставници на Интерпол и безбедносни експерти.
Конференцијата продолжува зад затворени врати за медиумите, а завршува на 10 мај.