Ali Kemal Akan
05 Октомври 2022•Ажурирај: 05 Октомври 2022
АНКАРА - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Туркије го зазема првото место во светот во давањето помош и поддршка на угнетените луѓе низ светот, известува Агенција Анадолија (АА).
„Ние сме на прво место во светот во помагањето на угнетените. Тоа не е ниту Америка, ниту Западот, туку ние сме на прво место“, рече Ердоган во обраќањето на свеченоста во Анкара, главниот град на Туркије.

Тој додаде дека Туркије, исто така денес е препознатлива во светот, не само по економијата, туку и по пристапот во решавањето на хуманитарните проблеми во голем број региони.
„Кога ќе се спомене Туркије, прво се помислува на земја која се истакнува по економијата, воените способности, како и по принципиелниот став во соочувањето со хуманитарните кризи“, рече турскиот претседател.
Ердоган даде коментар и за односите со Грција.

„Премиерот на Грција побара помош од САД. Против кого? Против Туркије. Што и да направите, ние секогаш ќе го сториме она што е потребно, подготвени сме да го сториме тоа“, рече Ердоган.
Тој во своето обраќање се осврна и кон терористичката организација ФЕТО која е организатор на крвавиот обид за пуч во Туркије вечерта на 15 јули 2016 година.
„Иако изгледа како одвоена, ФЕТО воопшто не се разликува од ДЕАШ. Една со друга се сродни души“, истакна Ердоган.