Ferdi Türkten
19 Август 2022•Ажурирај: 22 Август 2022
АНКАРА
Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, при враќањето од посетата на Украина одговараше на прашањата на новинарите, известува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Анкара е подготвена преку дипломатија да придонесе за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина и ги покани двајцата лидери на средба во Туркије.
„Изјавив дека ќе продолжиме да придонесуваме за решавање на војната преку дипломатија и преговори.“
„Како што му кажав на [рускиот претседател Владимир] Путин за време на мојата посета на Сочи, го потсетив [украинскиот претседател Владимир] Зеленски дека би можеле да бидеме домаќини на средбата помеѓу нив“, изјави Ердоган за новинарите во четвртокот во претседателскиот авион по еднодневната работна посета на Украина.
Ердоган, Зеленски и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со сретнаа во украинскиот град Лавов за да дискутираат за чекорите за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија преку дипломатски средства и одржување на механизмот кој неодамна е воспоставен за извоз на украинското жито на светските пазари.
Ердоган рече дека Туркије, Украина и ОН дискутираа за чекорите кои можат да бидат преземени за извоз на украинското жито и ја повикаа меѓународната заедница да преземе одговорност за заживување на дипломатскиот процес.
Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул на 22 јули за повторно отворање на три украински пристаништа на Црното Море за извоз на украинското жито заглавено поради војната, која трае веќе шест месеци.
Ердоган рече дека тој одделно се сретнал со Зеленски и Путин откако започнала војната и додаде дека Туркије ќе го донесе ова прашање на Генералното собрание на ОН во септември.
„Пораките што треба да се пренесат таму се многу, многу значајни. Пораките кои ние и другите земји ќе ги дадеме таму се многу важни“, рече тој.
- Нуклеарната централа „Запорожје“
За време на трилатералниот состанок во Лавов, Ердоган ја изрази загриженоста за тековниот конфликт околу нуклеарната централа „Запорожје“, изјавувајќи: „Не сакаме да доживееме нов Чернобил.“
Тој за новинарите изјави дека прашањето за „Запорожје“ не е „обично прашање“, истакнувајќи дека Украина има и свој технички персонал и војници во „Запорожје“.
Ердоган, исто така, рече дека Зеленски барал отстранување на руските мини од областа.
„Ние ќе дискутираме за ова прашање со Путин, и особено ќе го побараме тоа од него, за Русија да го направи својот дел во овој поглед како важен чекор за светскиот мир“, додаде тој.