АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије е подготвена за секаков вид посредување меѓу Израел и Палестина, јавува Анадолу.
„Би сакал да кажам дека Туркије е подготвена за секаков вид посредување, вклучително и размена на затвореници, доколку страните го побараат тоа.“
„Продолжуваме да ги засилуваме нашите дипломатски контакти, кои ги одржуваме извесно време и ги интензивиравме уште повеќе во последните три дена“, рече Ердоган по состанокот на Кабинетот во главниот град Анкара.
Ердоган истакна дека војната е предмет на морален и етички кодекс: „Страните се обврзани да го почитуваат тоа. Како што секогаш велиме: 'Нема губитници во праведен мир'.“
Туркије, исто така, го повика Израел да престане со бомбардирањето на палестинската територија и ги повика Палестинците да престанат со агресивниот притисок врз цивилните населби во Израел, рече тој.
„Ова е ден кога треба да се дејствува со човечка совест“, рече Ердоган, додавајќи: „Овој умерен чекор ќе ја отвори и вратата за мир.“
„Уништувањето на Газа со воздушни и копнени напади, бомбардирањето џамии и смртта на невини деца, жени, стари лица и цивили никогаш не се прифатливи“, нагласи Ердоган.
„Туркије, исто така, ги прави неопходните подготовки за снабдување со хуманитарна помош што ќе им биде потребна на жителите од Појасот Газа“, додаде тој, мислејќи на девастацијата предизвикана од израелските воздушни напади и уништувањето на тамошната инфраструктура.
Групата на отпорот со седиште во Газа, Хамас, рано во саботата ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел, истрелувајќи низа ракети. Се наведува дека ненадејниот напад бил одговор на упадот во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ерусалим и зголеменото насилство на еврејските доселеници кон Палестинците.
Како одговор на тоа, израелската армија ја започна операцијата „Железни мечеви“ против Хамас во Појасот Газа.
Бројот на Палестинци кои загинаа во нападите на израелските сили во Газа се искачи на 687, соопшти во понеделникот Министерството за здравство со седиште во Газа. Исто така, се наведува дека бројот на повредени се искачи на 2.900.
Министерството за внатрешни работи во Газа соопшти дека израелската армија ја „засилила својата агресија“ врз Газа со стотици рации.
Најмалку 900 Израелци загинаа, а над 2.600 се ранети во борбите, според локалните медиуми.
- „Нема мир во регионот без суверена независна Палестина“ -
„Ставот на Туркије по ова прашање е јасен уште од самиот почеток. Ја признавме државата Израел во 1949 година и ги одржуваме нашите дипломатски односи, иако повремено беа прекинувани“, објасни Ердоган.
„Веруваме дека нема да има мир во регионот без воспоставување независна суверена држава Палестина со географски интегритет, во границите од 1967 година, со Ерусалим како главен град“, повтори тој.
Турскиот претседател додаде дека проблемите во регионот не може да се решат со „постојано малтретирање на палестинскиот народ, непочитување на безбедноста на неговиот живот и имот, заземање на неговите домови и земји, уништување на неговата инфраструктура и спречување на неговиот развој“.
„Отсекогаш сме велеле и продолжуваме да кажуваме дека не одобруваме ниту една невина личност да биде повредена, без разлика дали е во Израел или во палестинските територии. Нашиот став е непроменет“, рече тој.
Анкара силно го поддржува дводржавното решение за израелско-палестинскиот конфликт, вклучително и формирањето палестинска држава со главен град Источен Кудс (Ерусалим).
Ердоган вчера имаше одделни телефонски разговори и со својот израелски колега Исак Херцог и со палестинскиот претседател Махмуд Абас за најновата ситуација во регионот.
„На двајцата лидери им ја изразив нашата длабока тага поради смртта на цивилите. Рековме дека сме подготвени да дадеме сѐ од себе за да ги прекинеме судирите и да го вратиме мирот колку што е можно поскоро“, додаде Ердоган.
news_share_descriptionsubscription_contact


