Firdevs Bulut
02 Март 2020•Ажурирај: 03 Март 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција се надева и работи на обезбедување прекин на огнот во сириската област Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Мојата единствена желба е да се стави крај на оваа борба со победа и да се запре понатамошното крвопролевање со траен прекин на огнот. За ова, ние ги користиме сите наши дипломатски канали, заедно со нашата борба на ова поле“, изјави Ердоган на собирот на пратениците на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија) во Анкара.
Тој ги даде своите коментари пред состанокот кој в четврток треба да го одржи со неговиот руски колега Владимир Путин во врска со ситуацијата во Идлиб, северозападна Сирија, откако 36 турски војници ги загубија животите минатата недела во нападот на силите на режимот на Башар ал Асад, и по започнувањето на новата турска операција во неделата.
Турција врши притисток на Русија да направи повеќе во контролирањето на нападите на Асад во регионот.
„За секој наш загинат војник, уништуваме десетици режимски елементи и ги тераме да платат висока цена уништувајќи ги нивните авиони и муниција“, изјави Ердоган, говорејќи за одмаздата на Турција за режимските напади.
„Со нашите вчерашни напади го направивме бескорисен воениот аеродром Најраб.“
Турција ја започна операцијата „Пролетен штит“, откако турски војници загинаа во Идлиб кој се смета за деескалациска зона во северозападна Сирија.
Турските војници работеа на заштита на локалното цивилно население во рамките на Договорот со Русија од септември 2018 година, со кој се забранети актите на агресија во Идлиб.
Но оттогаш во нападите од страна на Асад и руските сили во зоната се убиени над 1.300 цивили, при што прекинот на огнот продолжува да биде прекршуван, а милиони бегалци се бегаат кон турската граница.
„Најголемата моќ на Турција е солидарноста и братството“, изјави Ердоган.
Во врска со отворањето на границите за нерегуларните мигранти да го продолжат својот пат кон Европа, Ердоган изјави: „Кога ги отворивме вратите, почнаа да ни се јавуваат на телефон и да ни велат да ги затвориме... Готова е таа работа, вратите се веќе отворени. Сега и вие ќе земете дел од тој товар.“