Hatice Şenses Kurukız,Hanife Sevinç,Berk Özkan
26 Март 2021•Ажурирај: 27 Март 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека благодарение на процесот на вакцинација против Ковид-19, Турција во летото ќе влезе многу помирно и побезгрижно, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Да се доврши овој процес во мај, јуни и се надеваме дека во летото ќе влеземе многу помирни“, изјави Ердоган во обраќањето за новинарите по петочната молитва во џамијата во квартот Ускудар во Истанбул.
Тој потсети дека Турција со Кина претходно постигнала договор за купување на 100 милиони кинески вакцини.
„Секако, првата фаза изнесуваше 50 милиони. Досега сѐ уште не ги добивме сите 50 милиони дози“, изјави Ердоган, додавајќи дека вчера на кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, му нагласил дека Турција сака што побрзо да добие вакцини кои веќе ги нарачала од Кина.
Тој потсети исто така дека во Турција оваа недела пристигнале и вакцините на „БајоНТех“ од Германија.
„Ни пристигнаа 1.400.000 дози на вакцината на „БајоНТех“, а во рамките на тој договор ќе стигнат вкупно 10 милиони. Во меѓувреме, ги продолжуваме и преговорите со Русија. Ќе ни биде многу полесно кога ќе стигнат и вакцините од Русија. Бидејќи вакцината ја гледаме како најефикасно решение за нашите граѓани во овој момент. Секако, се продолжуваат и истражувањата за лековите. Се работи за истражувања за домашните вакцини и лекови“, изјави турскиот претседател.
Ердоган го осуди и вчерашниот напад врз џамијата на администрацијата на кипарските Грци.
„Зa жал кипарските Грци секогаш ги прават овие работи. Ова не е ништо друго освен провокација за време на самитот на лидерите на ЕУ“, изјави Ердоган.
Односите меѓу Турција и ЕУ беа главна тема на дводневниот самит, вклучувајќи ги и несогласувањата во врска со поделениот остров Кипар.
На џамијата во селото Епископи беше испишана со националистички грчки слогани, и нацртано грчко знаме и христијански крст на нејзините ѕидови и врати. Децениската поделба на островот беше иницирана од пуч за обединување со Грција и етничко насилство насочено кон турското население на островот.
Во своето обраќање, Ердоган ја прокоментира и одлуката за повлекување на Турција од Истанбулската конвенција, истакнувајќи дека тоа е потполно легален чекор.
„Овој чекор кој го презеде Кабинетот на претседателот е потполно легален и со овој чекор го продолжуваме нашиот пат. Значи, дискусиите за тоа дали е надредено или подредено на меѓународните договори не се ништо други освен создавање конфузија. Ние донесовме таква одлука“, изјави Ердоган.
Турција минатата недела се повлече од Европскиот договор за спречување и борба против насилството врз жените и насилствата во семејствата, беше наведено во Службениот весник на Турција во саботата.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го потпиша Указот за повлекување од Истанбулската конвенција која е потпишана во 2011 година.
Министерката за семејство, труд и социјални работи на Турција, Зехра Зумрут Селџук, на Твитер објави дека правата на жените се загарантирани во рамките на домашното законодавство, посебно во Уставот на Турција.