Ekipa
28 Ноември 2021•Ажурирај: 29 Ноември 2021
АШХАБАТ (АА) - Организацијата за економска соработка (ЕКО) има голем потенцијал за развој на нејзините земји членки, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на 15. самит на Организацијата во Ашхабат, Туркменистан, Ердоган се осврна на економскиот потенцијал на регионот, влијанието на Ковид-19 во светот, кипарското прашање и за тероризмот.
„Треба повеќе да го искористиме големиот потенцијал што го нуди нашиот регион, кој има население од приближно 500 милиони на површина од 8 милиони квадратни километри“, рече Ердоган.
„Мораме да ги интензивираме нашите напори за зголемување на обемот на нашата трговска размена на ниво од 100 милијарди долари; во овој контекст, прво мора да го ставиме во сила трговскиот договор ЕКОТА, кој е меѓу стратешките цели на документот Визија за 2025“, додаде тој.
Нагласувајќи дека договорот, кој не е имплементиран 17 години, е главниот инструмент што може да помогне да се постигнат интрарегионалните цели, Ердоган рече дека банката на Организацијата за економска соработка со седиште во Истанбул би можела ефикасно да функционира кон развој на земјите членки штом ги зајакне нејзините институционални и финансиски капацитети.
Турскиот претседател изјави дека подобрувањето на транспортната инфраструктура на регионот паралелно со напорите за заживување на Патот на свилата се одвиваат со полно темпо.
- Авганистан -
„Важно е да се воспостави траен мир и стабилност што е можно поскоро во Авганистан, кој се соочува со сериозна хуманитарна и економска криза“, рече Ердоган за земјата членка на Организацијата.
Тој нагласи дека Турција ги поддржува напорите за функционирање на државните институции на Авганистан, вклучително и секторите од клучна важност, образованието и здравството, додавајќи дека потребна е поддршка на авганистанската економија со цел да се елиминира ризикот од можен прилив на бегалци што ќе влијае на целиот регион.
- Азербејџан -
Турскиот претседател потсети дека Азербејџан ги вратил окупираните територии и ја отворил вратата за мир и стабилност во регионот. Тој ги поздрави напорите на Баку за зголемување на регионалниот просперитет преку различни проекти.
„Овие чекори ќе ги поддржат напорите за нормализација на регионот. Како Турција, ние ќе продолжиме да бидеме покрај Азербејџан. Од големо значење е да стоиме во целосна солидарност покрај Азербејџан како организација“, додаде тој.
- Борбата против тероризмот -
Ердоган нагласи дека регионалната и меѓународната соработка е од големо значење во борбата против тероризмот и дека не треба да се прават разлики меѓу терористичките организации.
Порача дека мирот, стабилноста и регионалниот развој ќе добијат замав откако регионот ќе се исчисти од терористичките организации како ЈПГ/ПКК, ДЕАШ и терористичката организација ФЕТО.
- Кипарското прашање -
„Клучот за решение на кипарското прашање е признавањето на суверена еднаквост и рамноправниот меѓународен статус на кипарските Турци“, рече Ердоган.
Тој ги повика земјите учеснички да ја оценат визијата на Турската Република Северен Кипар (ТРСК) за решение без предрасуди и нагласи дека Турција охрабрува развивање врски на полето на спортот, културата, образованието и туризмот во обид да се ублажи изолацијата на кипарските Турци.
Турската Република Северен Кипар (ТРСК) има статус на држава набљудувач на Организацијата за економска соработка.
- Ковид-19 -
Турскиот претседател рече дека Ковид-19 со текот на времето се трансформира во глобална закана и дека над 5 милиони луѓе ја загубиле битката со вирусот, кој има негативно влијание на различни сектори како економијата, трговијата и туризмот.
„Турција, од своја страна, направи сè за да му подаде рака на светот во услови на пандемијата“, рече Ердоган и истакна дека Анкара им помогнала на 160 земји и 12 меѓународни организации, вклучително и на одредени членки на Организацијата за економска соработка.
Истакнувајќи дека Турција обезбедила вакцини за голем број земји, Ердоган рече дека првата турска вакцина против Ковид-19, Турковак, ќе биде ставена во служба на целото човештво откако добие одобрение за употреба во итни случаи.