Aynur Ekiz
06 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека постојат кругови кои шират лаги и ја напаѓаат Турција, АК Партијата (AK Parti) и него лично, и дека целта на тие кругови не е да поддржат некоја друга партија, туку да ги уништат сите вредности кои АК Партијата ги претставува, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган присуствуваше на 29. Евалуациски состанок на владејачката Партија на правдата и развојот, кој е одржан во Кизиличамам кај Анкара.
Турскиот претседател и претседател на АК Партијата, Ердоган, рече дека е јасно дека на сцена делуваат кругови кои шират лаги за Турција, АК Партијата и за него лично.
Тој рече дека целта на тие кругови не е да поддржат некоја друга партија, туку да ги уништат сите вредности за кои АК Партијата се залага, и порача дека борбата против тие кругови е значајна за цела Турција.
„Реалноста на овој период е дека нашата земја ќе биде силна колку што е силна и АК Партијата и дека, да не даде Господ, слабеење на нашата партија ќе значи слабеење на одбраната на Турција“, порача турскиот претседател.
Ердоган рече дека АК Партијата и нејзината Народна алијанса имаат големо мнозинство во собранијата и во Анкара и во Истанбул и дека губењето на градоначалничките места во тие градови не е ненадоместлива загуба.
„Нашиот народ од нас не очекува да се занимаваме со внатрепартиски теми, туку да работиме и да ѝ служиме на нашата држава. Турција минува низ четвртина век кој е пресуден. Различните напади врз нашата земја во изминатите речиси шест години не го соборија нашиот народ, но го изморија. Од друга страна, надминувањето на проблемите и неутрализацијата на тие напади се јакнење на нашата земја“, порача Ердоган.
Тој најави дека АК Партијата и понатаму ќе работи за доброто на турската држава и народот и дека и во иднина ќе претставува сила која Турција ќе ја воведе во редот на најразвиените земји во светот.
„АК Партијата и понатаму важи за единствена надеж на нашиот народ и не се сомневајте дека тоа така и ќе остане“, рече Ердоган.