Zeynep Rakipoğlu
25 Јануари 2020•Ажурирај: 25 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, порача дека сите надлежни институции и служби ги преземаат сите потребни мерки по земјотресот кој вечерва ги погоди источните делови на Турција, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Ердоган во пораката на Твитер наведе дека сите турски ресорни институции работат со цел заштита на животот на луѓето и минимизирање на загубите.
„Министрите за урбанизам и животна средина, внатрешни работи и здравство се во подрачјето погодено од земјотресот. Сакам да се знае дека како претседател на државата внимателно ја следам ситуацијата и работата на терен. Сите институции, со АФАД и Црвената полумесечина на чело, се покрај нашиот народ“, порача Ердоган, и им оддаде почит на жртвите.
Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, изјави дека по земјотресот кој го погоди градот Елазиг, на истокот на земјата, загинаа 22 лица, а 39 лица се спасени од под урнатините.
„Четири лица смртно настрадаа во Малатија, а 18 во Елазиг“, изјави Сојлу на прес-конференцијата.
Во градот Елазиг и понатаму трае акцијата за спасување од под урнатините на три згради.
Во акциите за спасување во регионот учествуваат вкупно 1.167 спасувачи и 235 возила.
Епицентарот на потресот со јачина од 6,8 степени по Рихтер регистиран е во местото Сивирџе, недалеку од градот Елазиг, во близина на границата со Сирија.
Земјотресот се почувствува и во околните градови Адана, Хатај, Османије и на подрачјето на северните делови на Сирија и Ирак.