Sena Güler
17 Декември 2017•Ажурирај: 18 Декември 2017
КАРАМАН (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес порача дека Турција нема да запре сѐ додека пред лицето на правдата не се изведе и последниот припадник на терористичката организација ФЕТО, која во јули минатата година изврши обид за воен удар во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сега многу подобро разбираат што значи да се впери оружје на народот кој чесно им го повери за одбрана на земјата, а уште подобро ќе го разберат тоа бидејќи нема запирање со цел повторно да не бидат повредени. Нема да запреме сѐ додека пред лицето на правдата не го изведеме и последниот припадник на ФЕТО, тоа јато на убијци“, порача Ердоган за време на денешното обраќање на конгресот на регионалниот огранок на Партијата за правда и развој (AK Parti) во турската област Караман.
Терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен кој живее во САД, е одговорна за обидот за воен удар кој се случи на 15 јули минатата година, при што загинаа 250, а беа ранети 2.200 лица.
„Без оглед каде бегаат и каде се кријат, предавниците секогаш ќе го чувствуваат нашето дишење во вратот“, порача Ердоган.
Ердоган остро ги критикуваше САД поради поддршката на терористичката организација ПКК/ПЈД во наводната борба против терористите на ДЕАШ во Сирија.
Потсетувајќи на договорот кој го постигнаа терористите на ПКК/ПЈД и ДЕАШ, а со кој терористите на ДЕАШ мирно ја напуштија Рака, а контролата врз градот ја презедоа терористите на ПКК/ПЈД, Ердоган изјави дека сето тоа било претстава која јасно ја покажала вистината.
„Претставата во Рака несомнено и со сигурност покажа дека ЈПГ и ДЕАШ се две страни на иста монета. Истиот центар во Сирија на ДЕАШ му рече да бега, а ЈПГ да го заземе градот“, порача Ердоган.
ПЈД е сириски огранок на терористичката организација ПКК, а неговото воено крило е групата ЈПГ. Иако ПКК се наоѓа на листата терористички организации на САД, тоа не е случај со ПЈД, кого Вашингтон го смета за партнер во борбата против ДЕАШ.
Истакнувајќи дека ДЕАШ е доведен за да ја подели Сирија, Ердоган рече дека не би бил изненаден во некои модифицирани облици да се појави и на други кризни жаришта.
Турскиот претседател и денес најостро ја осуди провокативната одлука на САД за Кудс како главен израелски град, и порача дека Турција и понатаму ќе биде на страната на правдата и на палестинското прашање.
Посебно упати поздрав до младите Палестинци кои со голи раце и во инвалидски колички паѓаат како шехиди пред налетот на израелските окупаторски сили.